ВИЕНА ПОД ОПСАДА – Илјадници демонстранти најавени пред финалето на Евровизија

Додека Виена се подготвува за 70-годишниот спектакл, протестите и бојкотите ја ставаат Евровизија во центарот на политичка бура.

ВИЕНА ПОД ОПСАДА – Илјадници демонстранти најавени пред финалето на Евровизија
Фото: Принтскрин

Во годината кога Евровизија 2026 го одбележува својот 70-годишен јубилеј, натпреварот се враќа во Виена, град симбол на културата, музиката и различноста. Ова е третпат австриската престолнина да биде домаќин на Евровизија, по изданијата во 1967 и 2015 година.

Под слоганот „Обединети со музика (во) срцето на Европа“, организаторите најавуваат спектакл кој треба да испрати порака за единство и отвореност. Но, како што се приближува финалето, политичките контроверзии повторно ја ставаат Евровизија во центарот на дебатите.

Најголемите реакции оваа година повторно се поврзани со учеството на Израел. Поради војната во Газа, активисти и дел од културната сцена побараа исклучување или бојкот на натпреварот.

Повеќе од 1.000 уметници потпишаа отворено писмо со порака дека „нема музика за геноцид“, а меѓу потписниците се и Питер Габриел, Масив Атак, Роџер Вотерс, Меклмор и Брајан Ин.

Од друга страна, повеќе од 1.000 претставници на забавната индустрија, меѓу кои Хелен Мирен, Ејми Шумер и Џин Симонс, јавно застанаа во поддршка на учеството на Израел.

European Broadcasting Union останува на ставот дека Евровизија е натпревар на јавни сервиси, а не на влади, па Израел ќе остане дел од шоуто.

Во меѓувреме, полицијата во Виена очекува протести и блокади за време на финалната недела. За 16 мај се најавени демонстрации со околу 3.000 учесници, а се очекува и пристигнување на активисти од други држави.

Неколку земји решија да го бојкотираат натпреварот и нема да испратат свои претставници: Ирска, Холандија, Словенија, Исланд и Шпанија. Особено внимание привлекува Шпанија, која е дел од „големата петорка“ и еден од најголемите финансиери на Евровизија.

Истовремено, на сцената се враќаат Молдавија, Бугарија, Роамнија  и Црна Гора.

Дебати предизвика и романската претставничка Александра Каписанеску со песната Choke Me. Текстот на песната беше критикуван од дел од јавноста и експерти, кои сметаат дека испраќа проблематични пораки за насилство врз жените. Пејачката, пак, објасни дека песната е метафора за внатрешните стравови и психолошкиот притисок, а не буквален повик за насилство.

Украина повторно важи за еден од фаворитите. Пејачката Викторија Лелека ќе настапи со песната Ridnym, која комбинира етно-поп и мјузикл елементи.

Украина е една од најуспешните земји во историјата на Евровизија, а последната победа ја оствари во 2022 година со  Калуш Оркестра и песната „Стефанија“.

Последните денови силен раст на обложувалниците бележи и Грција. Грчкиот претставник Акилас ќе настапи со песната Ferto, енергична техно композиција со критика на модерниот консумеризам.

Во првото полуфинале настапува и Финска со дуото Линда Лампениус и Пит Парконен, кои исто така се меѓу кандидатите за висок пласман.

Србија ја претставува рок-групата Лавина со песната Крај мене, додека Хрватска настапува со етно-поп групата Лелек и песната Андромеда.

За Црна Гора ќе настапи Тамара Живковиќ со песната Нова зора.

Сите три земји ќе се натпреваруваат во првото полуфинале на 12 мај, каде конкуренцијата се смета за исклучително силна. Според прогнозите на обложувалниците, најголеми шанси за висок пласман има Хрватска.

Како домаќин, Австрија директно е пласирана во финалето, исто како и Германија како дел од „големата петорка“. Големото финале е закажано за 16 мај во Виена.

CATEGORIES
Share This