ВИЕ СИ ПРИФАТИВТЕ Мицкоски откри што, според него, е главниот аргумент на Брисел

Премиерот вели дека Владата се бори чекор по чекор да го врати она што претходно било прифатено.

ВИЕ СИ ПРИФАТИВТЕ Мицкоски откри што, според него, е главниот аргумент на Брисел
Фото: Принтскрин

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Владата останува на ставот дека евроинтегративниот процес треба да се продолжи преку разговори и изнаоѓање решение, но истовремено нагласи дека условите со кои денес се соочува Македонија биле прифатени од претходната Влада.

Одговарајќи на новинарско прашање дали во пресрет на утрешната средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ќе се отвори прашањето за кочењето на евроинтегративниот процес, Мицкоски рече дека ставот на Владата е веќе јасно познат.

„Нашиот став е јасен, нашите аргументи се јасни, ние сме подготвени да разговараме, да дебатираме и на крајот од денот да најдеме решение“, изјави Мицкоски.

Во однос на обвинувањата од опозицијата дека актуелната Влада го кочи европскиот пат на земјата, премиерот рече дека не сака да го коментира, како што оцени, сè порадикалниот пристап на опозицијата.

„Не знам дали понекогаш вреди да се коментира ставот на опозицијата која секој ден е, би рекол, сè порадикална и личи како да се дојдени од некоја Али експрес испорака на некоја друга опозициска партија“, рече Мицкоски.

Тој посочи дека односите со европските партнери треба да се гледаат рационално, без емоции, нагласувајќи дека условите со кои денес се соочува Македонија се резултат на одлуки донесени од претходната Влада.

„Не можам да се согласам кога велиме ‘нелогични барања’, бидејќи некоја претходна македонска Влада тие таканаречени нелогични барања ги прифатила и ставила потпис на договор“, рече премиерот.

Според него, токму поради тие преземени обврски, актуелната Влада сега се обидува да изгради подобри позиции во евроинтегративниот процес.

„Истата таа политичка партија не само што ја ограби Македонија, не само што ја понижи, туку целосно го забетонира овој процес којшто ние сега од петни жили се обидуваме некако да го откочиме“, изјави Мицкоски.

Премиерот оцени дека процесот не е едноставен, бидејќи, како што рече, од другата страна Македонија има „противник што е многу поголем, помоќен и е внатре“, при што повторно се осврна на договорот што, според него, го прифатила претходната македонска Влада.

„Ние мораме да се бориме. Тоа што е погрешено, чекор по чекор да го враќаме. Задачата на оваа генерација е да направи чекор-два со тоа што ќе поврати дел од тоа што претходната генерација го заборавила, односно го продала. По нас, тие што ќе дојдат треба да се борат за следните два чекори. Ова е процес којшто ќе трае“, порача Мицкоски.

Тој нагласи дека не треба граѓаните да ги обвинуваат луѓето во Брисел, бидејќи, според него, европските партнери се свесни за позицијата на Македонија, но аргументот што го добиваат од нив е дека преземените обврски биле прифатени од македонска Влада.

„Тие се трудат, сакаат, знаат дека ни е нанесена неправда, сочувствуваат со нас итн., но сè завршува со реченицата: ‘Вие си прифативте, некоја ваша Влада ставила потпис на тоа’“, рече Мицкоски.

https://nacionalno.mk/ako-e-toa-tochno-prasha-te-a-eu-zoshto-mickoski-za-navodnoto-izostavuva-e-na-makedoni-a/

CATEGORIES
Share This