ВИДЕО ОД АКЦИЈА ШТО ЈА РАЗДРМА МОСКВА Британски командоси се качија на руски брод
Елитни британски маринци, поддржани од авијацијата и агенти на NCA, изведоа шестчасовна операција против танкер од руската „флота во сенка“, додека Лондон најавува уште пожестоки мерки против Кремљ.

Британските специјални маринци, заедно со офицери од Националната агенција за борба против криминалот (NCA) и поддржани од Кралските воздухопловни сили (RAF), рано утрово извршија пресретнување и качување на танкер поврзан со руската „флота во сенка“ во водите на Ламанш.
Станува збор за прва ваква операција спроведена од британските вооружени сили, која траела околу шест часа и била резултат на повеќедневно воено и политичко планирање.
Министерството за одбрана на Велика Британија соопшти дека танкерот „Смиртос“ е задржан под надзор покрај јужниот брег на Англија додека трае истрагата. На снимките објавени од институцијата се гледаат вооружени маринци кои со јаже се спуштаат од хеликоптер на палубата на бродот, додека други припадници на силите ги пребаруваат кабините и бродската документација.
Според британските власти, операцијата е изведена во меѓународни води, повеќе од 12 наутички милји од британскиот брег, во согласност со домашното и меѓународното право.
„Смиртос“ е дел од таканаречената руска „флота во сенка“ и мрежа од стотици бродови што Москва ги користи за транспорт на нафта и заобиколување на западните санкции. Според британското Министерство за одбрана, оваа флота брои повеќе од 700 бродови и пренесува околу 75 проценти од санкционираната руска нафта.
Податоците од MarineTraffic покажуваат дека бродот плови под знамето на Камерун и моментално е закотвен во близина на Вејмут. Патувањето го започнал на 5 јуни од руското пристаниште Уст-Луга, а во јули 2025 година бил ставен под санкции. Оттогаш двапати го менувал името и знамето под кое плови.
Британскиот премиер Кир Стармер оцени дека акцијата претставува силна порака до Кремљ и до сите што ја поддржуваат руската агресија врз Украина.
„Оваа успешна операција претставува уште еден удар за Русија и покажува дека нема да дозволиме оние што ја поттикнуваат војната на Путин да се кријат зад санкциските дупки“, изјави Стармер.
Главниот обвинител Ричард Хермер порача дека британската влада ќе продолжи да ја таргетира руската „флота во сенка“ користејќи ги сите механизми што ги дозволува меѓународното право.
Од Москва засега нема официјална реакција, иако руските власти во минатото ваквите операции ги нарекуваа „нелегални“ и „блиски до меѓународно пиратство“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја поздрави акцијата и ѝ се заблагодари на Велика Британија за преземениот чекор против руската нафтена флота. Тој повика европските држави да воведат дополнителни мерки кои би овозможиле не само задржување на танкерите, туку и запленување на нафтата што ја превезуваат.
Операцијата е реализирана во тесна координација со Франција, а во неа учествувале авиони од Морнаричката воздухопловна група, авион RAF P-8, како и бродовите HMS Sutherland и HMS Ledbury.
Поранешниот британски министер за вооружени сили Ал Карнес оцени дека оваа интервенција може да биде пресвртница и најави дека во иднина би можеле да следуваат нови акции против бродови од руската „флота во сенка“ кога ќе се појават соодветни услови за тоа.
This morning, UK forces boarded a Russian tanker in the English Channel that was secretly helping to bankroll Putin’s war in Ukraine.
The first operation of its kind led by British forces, and a clear message: there is nowhere to hide. pic.twitter.com/RQdw7bmuQw
— Ministry of Defence 🇬🇧 (@DefenceHQ) June 14, 2026
Despite Putin’s best efforts to evade sanctions, we will not let him get away with it. pic.twitter.com/IIW3Cv2ENQ
— Keir Starmer (@Keir_Starmer) June 14, 2026


