(ВИДЕО) ИНФАНТИНО МОЛЧИ ЗА СКАНДАЛИТЕ НА СП, ПА ГИ БРАНИ СУДИИТЕ Без нив нема фудбал

По серијата спорни одлуки и реакции на Мундијалот, првиот човек на ФИФА наместо објаснување упати пофалби до судискиот тим.

(ВИДЕО) ИНФАНТИНО МОЛЧИ ЗА СКАНДАЛИТЕ НА СП, ПА ГИ БРАНИ СУДИИТЕ Без нив нема фудбал
Фото: Принтскрин

Претседателот на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, се огласи по низата контроверзни ситуации кои го одбележаа Светското првенство, но наместо директно да одговори на критиките, упати пофалби за организацијата на турнирот и работата на судиите.

„Светското првенство донесе неверојатен успех, а голем дел од заслугата за тоа му припаѓа на нашиот одличен судиски тим. На турнирот судат најдобрите судии во светот, избрани преку строг процес кој ги зема предвид нивните способности, доследност и квалитет во долг временски период“, порача Инфантино преку социјалните мрежи.

Тој нагласи дека одлуките на судиите и правилата на играта мора да се почитуваат.

„Би сакал уште еднаш да истакнам дека мора да ги почитуваме судиите и правилата кои ја регулираат нашата игра. Тоа е едноставно и никогаш не може доволно да се нагласи – без судии нема фудбал“, додаде првиот човек на светскиот фудбал.

Неговата порака доаѓа во период кога на Мундијалот се појавија повеќе спорни ситуации, а најголемо внимание привлече одлуката на ФИФА да го поништи црвениот картон на американскиот репрезентативец Фоларин Балогун.

Балогун настапи за САД во осминафиналето против Белгија, иако претходно доби директен црвен картон на мечот против Босна и Херцеговина во претходната фаза. Американците сепак беа елиминирани по убедлив пораз од 4-1.

Дополнителни реакции предизвика и однесувањето на Инфантино за време на натпреварот меѓу Аргентина и Зеленортските Острови. По израмнувачкиот гол на противникот, камерите го снимија како нервозно реагира, а по завршувањето на мечот отворено призна дека бил возбуден поради развојот на настаните.

Иако подоцна се обиде да нагласи дека како претседател на ФИФА мора да биде неутрален и дека „неутралните уживале во натпреварот“, неговата реакција повторно отвори прашања за улогата на првиот човек на светскиот фудбал во вакви ситуации.

CATEGORIES
Share This