ВИ ТРЕБАШЕ ДА ГИ ЗАМЕНИ ЛУЃЕТО, НО РЕАЛНОСТА ГИ ИЗНЕНАДИ СИТЕ Работниците повторно се бараат
Новите анализи покажуваат дека компаниите ја прецениле способноста на вештачката интелигенција – наместо целосна автоматизација, сега повторно се бараат луѓе со искуство, критичко размислување и способност за носење одлуки.

Пред само две години, голем број компании со ентузијазам најавуваа дека вештачката интелигенција ќе автоматизира огромен број работни места и ќе го промени начинот на кој функционира пазарот на труд. Денес, меѓутоа, почетниот оптимизам сè почесто се соочува со реалноста. Според најновата прогноза на истражувачката компанија „Гартнер“, до 2027 година би можеле повторно да бидат отворени дури половина од работните места кои биле укинати поради воведувањето на вештачката интелигенција. Причината не е забавување на развојот на технологијата, туку погрешната проценка на компаниите за тоа што вештачката интелигенција навистина може да направи самостојно. Сличен тренд покажува и истражувањето на „Форестер“. Според него, 55 проценти од работодавците кои ги реорганизирале своите бизниси поради вештачката интелигенција денес жалат поради донесените одлуки.
Вештачката интелигенција има информации, но човекот носи одлуки
Една од најголемите заблуди на компаниите била претпоставката дека ако вештачката интелигенција може да го пронајде точниот одговор, тогаш може целосно да го замени човекот. Сепак, разликата меѓу пристапот до информации и способноста за носење одлуки се покажа како многу поголема од очекуваното. Вештачката интелигенција е исклучително ефикасна при пребарување и обработка на податоци, сумирање документи, подготовка на нацрти и анализа на огромни количини информации. Но, кога треба да се процени ризик, да се разбере поширокиот контекст, да се преговара, да се реши конфликт или да се избере помеѓу неколку лоши опции, човечкото искуство сè уште е незаменливо. Со други зборови, вештачката интелигенција може да даде одговор, но не секогаш може да препознае дека тој одговор е погрешен.
Компаниите повторно бараат искусни работници
Според „Гартнер“, организациите често ја преценуваат способноста на вештачката интелигенција самостојно да извршува задачи за кои се потребни долгогодишно искуство и професионална проценка. По првиот бран на автоматизација, во многу компании се појавиле проблеми – намалување на квалитетот на услугите, зголемен број грешки, незадоволни клиенти и дополнителен товар за вработените, кои морале да ги проверуваат и коригираат резултатите добиени од вештачката интелигенција. Затоа, трендот почнува да се менува. Наместо целосно да ги заменат луѓето, компаниите сè повеќе бараат професионалци кои знаат ефикасно да соработуваат со вештачката интелигенција и да ја користат како алатка.
Кои работници ќе бидат најбарани?
Најголема вредност нема да имаат ниту оние кои целосно ја игнорираат вештачката интелигенција, ниту оние кои безрезервно му веруваат на секој нејзин одговор. Најбарани ќе бидат работниците кои знаат да ја користат технологијата, но истовремено можат да препознаат кога таа греши, да донесат одлука во сложена ситуација без јасен одговор и да ги поврзат добиените информации со деловното искуство и човечките односи. Тоа значи дека вештините кои најтешко се автоматизираат – критичкото размислување, креативноста, преговарањето, емпатијата и преземањето одговорност – во иднина би можеле да станат уште повредни. Наместо сценариото во кое вештачката интелигенција целосно ги заменува луѓето, сè поверојатно е да се создаде нов модел во кој технологијата ги презема рутинските задачи, а луѓето остануваат клучни таму каде што се потребни искуство, проценка и одговорност.


