ВАЖНО ЗА СИТЕ ВОЗАЧИ Затворен дел од А2, проверете дали вашата рута е погодена
Прекинот е поради велосипедска трка, додека на останатите патишта сообраќајот се одвива непречено, со апел од АМСМ за внимателно возење поради можни одрони и активни градежни работи.

АМСМ информира дека денеска (28.06.2026) од 09:00 часот е во прекин сообраќајот на магистралниот пат А2, на делницата од село Ранковце до бензинската пумпа „Мак Оил“ кај Крива Паланка, поради одржување на претходно најавена велосипедска трка.
Сообраќајот на експресниот пат од Ранковце до Крива Паланка се одвива непречено.
Во останатиот дел од државата, сообраќајот се одвива по суви коловози, без поголеми застои. Интензитетот на возила надвор од урбаните средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ апелира до возачите да ја прилагодат брзината кон условите на патот, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да бидат особено внимателни на делниците каде е можна појава на одрони, особено на патиштата Катланово – Велес,, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица е отворен за сите возила до 3,5 тони.
Од 1 јули до 31 август важи летен режим на сообраќај со забрана за движење на товарни возила потешки од 15 тони во петок: 17:00 – 22:00 часот, сабота: 09:00 – 18:00 часот и недела: 09:00 – 22:00 часот.
Во денови со екстремно високи температури, забраната ќе важи и од понеделник до четврток, од 11:00 до 17:00 часот.
За магистралниот пат А2 Скопје – Охрид важи и дополнителна летна забрана за товарни возила над 7,5 тони за време на викендите, со цел да се овозможи побрз проток на сообраќај кон Охрид.
Возачите треба да бидат внимателни и на повеќе патни правци каде се изведуваат градежни работи и важи времен режим на сообраќај, меѓу кои А2 Гостивар – Стража (санација на мостови), мостовите на Вардар кај Желино, скопската обиколница (делница Волково – Кондово), автопатот Смоквица – Гевгелија, регионалниот пат Косоврасти – Мелнички Мост и патниот правец Прилеп – Битола, поради изградба на Коридорот 10Д.
АМСМ препорачува возачите да ја следат поставената сигнализација и навреме да се информираат за состојбата на патиштата пред да тргнат на пат.


