ВАРДАР ИЛИ СТРУГА Вечерва финале во Купот на Македонија
Ќе успее ли „црвено-црниот“ колектив конечно да го врати трофејот во своите витрини и да стави крај на 18-годишното чекање? Одговорот ќе го дознаеме вечерва.

Вечерва ќе се одигра 32. финале во фудбалскиот Куп на Македонија, а оваа прилика е идеален повод да се потсетиме на историјатот на ова натпреварување, особено на најуспешните клубови.
Најтрофејниот македонски клуб, Вардар, иако без трофеј во Купот речиси две децении, останува лидер по бројот на освоени титули. Скопскиот гигант последен пат се радуваше во 2007 година, кога на националната арена ја совлада Победа со 2:1. Стрелци за Вардар беа Кировски и Вандаир, додека за прилепскиот тим погоди Нацев.
До денес, Вардар има вкупно пет трофеи во Купот на Македонија – триумфираше во финалните пресметки во 1993, 1995, 1998, 1999 и 2007 година. Зад него е Работнички со четири трофеи, додека по три титули имаат Слога Југомагнат (денешен Шкупи), Силекс и Македонија ЃП.
По два пати до пехарот стигнале Тетекс, Пелистер и Шкендија, а по еднаш се радувале Победа, Цементарница, Башкими, Ренова, Металург и Академија Пандев.
Минатогодишен освојувач беше Тиквеш, но актуелната сезона заврши рано за кавадарчани – токму Вардар ги елиминираше уште во осминафиналето, со што покажа амбиции за повраток на големата сцена.
Ќе успее ли „црвено-црниот“ колектив конечно да го врати трофејот во своите витрини и да стави крај на 18-годишното чекање? Одговорот ќе го дознаеме вечерва.


