ЉУТКОВ СО ГОЛЕМА ПОРАКА Скопје станува новиот културен центар на Европа
Скопје како историски пресек на култури, јазици и цивилизации.

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков изрази уверување дека Скопје како „Европска престолнина на културата 2028“ ќе претставува клучен момент за трансформација на главниот град, при што културата ќе стане негов најсилен дипломатски инструмент и препознатлив европски идентитет.
На панел-дискусија во рамки на 4. Форум за културна дипломатија во Музејот на Град Скопје, тој порача дека Европа денес има потреба од градови кои не организираат само настани, туку создаваат визија за заеднички живот и ја претвораат културата во јавна вредност, а различноста во општествен капитал.
Според Љутков, Скопје има исклучителен потенцијал поради својата историска и културна слоевитост, што го прави простор за дијалог меѓу различни традиции, искуства и идентитети. Тој нагласи дека токму ваквите градови се највредни во современата културна дипломатија бидејќи нудат сложена и автентична културна слика.
Тој додаде дека „Скопје 2028“ треба да се разбере како можност за нов културен наратив и зрела самосвест, при што успешните европски културни политики не се засноваат на спектакл, туку на градење културна инфраструктура на доверба меѓу институциите, граѓаните, локалното и европското.
Љутков истакна и дека инвестициите во културата се инвестиции во интелектуалната иднина на општеството, а културната дипломатија претставува начин на кој една заедница станува препознатлива по своите вредности, комуникација и начин на размислување.
Форумот „Од крстопати кон поврзувања: Културната дипломатија и иднината на глобалниот дијалог“ се одржува во организација на повеќе институции, меѓу кои Кабинетот на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, Меѓународниот центар „Алијанса на цивилизациите“ од Скопје и Институтот за културна дипломатија од Берлин, со поддршка на министерствата за култура и туризам и за надворешни работи.
На форумот учествуваат дипломати, политичари, експерти, уметници и јавни личности од повеќе земји, меѓу кои Македонија, САД, Германија, Франција, Унгарија, Словенија, Хрватска, Србија и Црна Гора.
