ПАТУВАЊЕТО КОН ГРЦИЈА СЕ МЕНУВА – ЕЕС системот ги блокира премините, Грција итно реагира
Грчките власти најавуваат итни мерки за намалување на гужвите на Евзони и Кипи по воведувањето на ЕЕС системот.

Грчките власти одржаа состанок во Солун на кој биле договорени пакет нови мерки за справување со зголемениот метеж на граничните премини Кипи и Евзони, по воведувањето на ЕЕС системот за биометриска проверка.
На состанокот, свикан од заменик-министерот за внатрешни работи на Грција задолжен за областите Македонија и Тракија, Константинос Гулекас, учествувале претставници на надлежните институции, безбедносните служби и локалните власти. Било оценето дека растечкиот туристички и трговски сообраќај, во комбинација со новите европски правила за биометриска регистрација, создава дополнителни задржувања на границите.
Како главни мерки се наведуваат дополнително зајакнување на информатичките системи со цел побрзо спроведување на контролите, како и разгледување на можноста за поставување привремени технички решенија за олеснување на протокот на патници и возила. Според надлежните, одлуките веднаш се пренесуваат на терен.
За денеска се најавени и посети на специјални тимови на граничните премини Евзони и Кипи, кои ќе ја проценуваат примената на дополнителните мерки. Во нив ќе бидат вклучени претставници од децентрализираната администрација Македонија–Тракија, регионалните власти, полицијата, царинските служби и општините.
Министерот за заштита на граѓаните Михалис Хрисохоидис изјави дека Грција мора целосно да ја применува европската легислатива, посочувајќи дека Европската комисија инсистира на имплементација на ЕЕС системот. Тој додаде дека системот предизвикал реакции и поплаки од колеги од Северна Македонија и Србија, а проблемот, како што рече, е поврзан и со самата процедура и со застарената инфраструктура на граничните премини.
