УСТАВЕН СУД Сè уште нема одлука за линеарното зголемување на пензиите
Јавноста ќе биде известена кога предметот ќе се најде на седница за гласање.

Уставниот суд реагираше на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дадена во Собранието, во која тој тврдеше дека Судот веќе донел одлука за укинување на линеарното зголемување на пензиите. Од Судот категорично истакнаа дека конечна одлука за овој предмет сè уште не е донесена.
Според соопштението, на 24. седница од 19 ноември 2025 година, Судот со мнозинство гласови само изразил сомнеж во уставноста на членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување – одредбата што ја воведе мерката за линеарно зголемување на пензиите.
Во моментов е во тек втората фаза од постапката, во која се прибираат мислења од предлагачите и од носителите на Законот. Дури по нивното разгледување ќе биде закажано гласање за конечна одлука. Како што наведуваат од Судот, јавноста навреме ќе биде известена кога предметот ќе се најде на дневен ред.
Во однос на прашањата дали постапката ги опфаќа и претходните линеарни покачувања од по 2.500 денари, Судот појаснува дека тие мерки нема да се преиспитуваат. Имено, иницијативата за оценување на членовите 3 и 18, кои ги регулираа покачувањата исплатени во септември 2024 и март 2025 година, е отфрлена затоа што овие одредби биле од привремен карактер и веќе не се дел од правниот систем.
Постапката што е во тек се однесува единствено на член 2 одредбата со која беше воведено трајното линеарно зголемување. Судот смета дека ваквото решение може да ги наруши уставните принципи на социјална праведност, еднаквост и правна сигурност, бидејќи предвидува исто зголемување за сите пензионери, без разлика на стажот и уплатените придонеси.

