УНИКАТЕН МУЗИЧКИ СПОЈ – Националниот џез оркестар ја отвора концертната сезона
Концерт на 30 јануари во Филхармонија, оркестар со гудачки ансамбл

На 30 јануари, Националниот џез оркестар ќе ја отвори годинашната концертна сезона со специјален концерт во Филхармонијата насловен „Национален џез оркестар со гудачки ансамбл“. За оваа прилика, џез оркестарот ќе настапи заедно со гудачки ансамбл составен од музичари од Националната опера и балет.
„Во овој редок и внимателно обликуван спој, оркестарскиот звук се проширува и продлабочува, создавајќи нова звучна димензија“, велат од оркестарот.
Под диригентство на маестро Џијан Емин, публиката ќе ужива во авторски композиции на Трајче Велков, Гордан Спасовски, Зоран Костадиновски, Џијан Емин, Гоце Стевковски, Сашко Николовски и Георги Шарески.
Како солисти ќе настапат Кирил Кузманов на саксофон и флејта и Бојан Цветковиќ на пијано. Специјален гостин на вечерта ќе биде гитаристот Георги Шарески.
Билетите за концертот се достапни онлајн на Мк Тикетс и на нејзините продажни места.

