УКРАИНА ВО ТРЕВОГА Што се гради покрај границата со Белорусија што го вознемири Киев

Украинскиот претседател тврди дека изградбата на воени објекти долж границата со Белорусија е при крај и бара деескалација од Минск.

УКРАИНА ВО ТРЕВОГА Што се гради покрај границата со Белорусија што го вознемири Киев
Фото: Принтскрин

Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека постои ризик од „проширување на агресијата“ преку територијата на Белорусија, откако добил разузнавачки брифинг за воените активности долж белоруско-украинската граница.

Зеленски на 25 јуни изјави дека изградбата на патна инфраструктура и објекти за складирање муниција, гориво и други воени материјали во близина на границата е во завршна фаза. Според него, овие објекти немаат друга освен воена намена.

„Добиени се информации за активностите долж нашата северна граница. Украина испрати јасни сигнали во врска со ова, како и за сите други форми на соработка со Русија кои можат да придонесат за продолжување и интензивирање на војната“, порача Зеленски.

Според украинските власти, постојат индикации дека Москва, преку својот сојузник Минск, се обидува да ја вовлече Белорусија подлабоко во конфликтот со Украина. Белоруската опозиција во егзил, пак, тврди дека постојат знаци за можно поместување на политиката на Александар Лукашенко кон поголема воена поддршка на Русија.

Киев порача дека Минск треба да преземе чекори за намалување на тензиите и спречување на понатамошна ескалација.

Во меѓувреме, во украинските медиуми се анализираат и последиците од тешките борби во регионот Донецк, каде што украинските сили, според извештаите, се повлекуваат кон Дружкивка по борбите кај Константиновка.

Од Москва, руското Министерство за одбрана соопшти дека руските сили извршиле напади врз позиции на украинската армија и странски борци во повеќе области во текот на изминатото деноноќие.

Украинскиот командант Олександр Пивненко претходно изјави дека за евентуална нова офанзива од белоруска територија би биле потребни значителни руски сили, проценувајќи дека станува збор за десетици илјади војници.

CATEGORIES
Share This