УКИНАТ ДУП, А СЕПАК СЕ ГРАДЕЛО – МВР поднесе кривична против Јакимовски

МВР тврди дека во два случаи биле издадени одобренија и покрај укинат ДУП и неусогласена проектна документација, додека пријавата опфаќа и две решенија за градба на спорни настрешници.

УКИНАТ ДУП, А СЕПАК СЕ ГРАДЕЛО – МВР поднесе кривична против Јакимовски
Фото: Национал

Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, за „несовесно работење во службата“. Кривични пријави се поднесени и против две вработени во Секторот за урбанизам во Општина Карпош, кои се товарат за „злоупотреба на службената положба и овластување“.

Од МВР информираат дека Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за економски криминал и корупција, во координација со СВР Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал, до Основното јавно обвинителство Скопје поднел кривични пријави против три лица.

Првопријавената, раководителка на Секторот за урбанизам, се товари за четири кривични дела, второпријавената, вработена во истиот сектор, за две кривични дела, додека Јакимовски е пријавен за едно кривично дело „несовесно работење во службата“.

Според МВР, раководителката и вработената во Секторот за урбанизам, и покрај сознанијата дека одреден Извод од план за ДУП бил укинат со одлука на Уставниот суд во 2018 година, на 23 јули 2025 година издале одобрение за градење.

Од МВР наведуваат дека тие биле запознаени и со насоките на тогашниот градоначалник да не се издаваат изводи од планови и одобренија за градење за ДУП-ови укинати од Уставниот суд. Притоа, инвеститорите претходно двапати биле одбиени со барања за издавање одобрение за градење.

И покрај тоа, според пријавата, било издадено одобрение со кое на инвеститорите им било овозможено да стекнат право на изградба на објект проценет на 10.427.518 денари.

Во вториот случај, МВР тврди дека службеничките издале одобрение за градење иако основниот проект доставен од инвеститорите бил изработен спротивно на важечкиот урбанистички план. Наместо предметот да биде вратен на доработка, на 29 октомври 2025 година било издадено одобрение за изградба на објект со вредност од 13.021.914 денари.

Пријавата опфаќа и два случаи поврзани со изградба на настрешници.

Според МВР, раководителката на Секторот за урбанизам на 25 март 2025 година издала решение за градба на настрешница, иако, како што се наведува, станувало збор за засебен објект во простор со намена Д1 – парковско и пејсажно зеленило, односно во јавен простор и булеварски профил.

МВР дополнително наведува дека објектот не бил предвиден со важечкиот урбанистички план, не била доставена целосната потребна документација, ниту била извршена пресметка и наплата на надоместокот за уредување на градежното земјиште.

Во последниот случај, според МВР, на 30 јули 2025 година повторно било издадено решение за градба на настрешница, иако за истиот објект претходно била поведена управна постапка и во 2024 година било донесено решение за негово отстранување.

Сите наводи се дел од кривичните пријави поднесени до ОЈО Скопје.

ВРХОВЕН СУД СО ПРЕСВРТ ЗА СТЕВЧО ЈАКИМОВСКИ Укината пресудата, предметот се враќа на повторно судење

CATEGORIES
Share This