УЈП: ТРЕТИНА ОД КОНТРОЛИРАНИТЕ УГОСТИТЕЛСКИ ОБЈЕКТИ СО ПРЕКРШУВАЊА – затворени пет, казнети 52
Во акцијата спроведена во 13 градови, најмногу во туристичките центри, утврдени се неправилности кај 52 субјекти (34%), а пет објекти се затворени – три во Охрид, еден во Гостивар и еден во Струга – поради повторени прекршувања во изминатите две години.

Една третина од 154 контролирани ресторани, кафе барови и продавници не издавале фискални сметки или воопшто немале фискални апарати, покажуваат податоците од јулската контрола спроведена од Управата за јавни приходи (УЈП).
Во акцијата спроведена во 13 градови, најмногу во туристичките центри, утврдени се неправилности кај 52 субјекти (34%), а пет објекти се затворени – три во Охрид, еден во Гостивар и еден во Струга – поради повторени прекршувања во изминатите две години. Дополнително, изречени се парични казни за 52 објекти.
Најмногу контроли се извршени во Охрид, Струга и Ресен (вкупно 64), каде се откриени 26 прекршувања. Во Скопје, од 43 контроли утврдени се 9 неправилности. Прекршувања се забележани и во Прилеп, Дојран, Тетово, Гостивар, Кичево, Штип, Македонска Каменица и Берово.
УЈП најави и вкрстени проверки за да ја провери веродостојноста на искажаните приходи кај даночните обврзници. Институцијата апелира дека издавањето фискални сметки и користењето мобилни фискални апарати се не само законска обврска, туку и основа за фер и одговорно деловно опкружување.


