ТРГНУВАТЕ НА ПАТ Проверете каде има гужви, работи и затворени ленти

На Богородица, Дојран и Табановце се чека околу 30 минути, додека на повеќе патни правци низ државата се изведуваат градежни активности и важат временски режими на сообраќај.

ТРГНУВАТЕ НА ПАТ Проверете каде има гужви, работи и затворени ленти
Фото: Национал

Денеска (22.06) сообраќајот на државните патишта во Македонија се одвива непречено по суви коловози, а интензитетот надвор од градските средини е умерен – информираат од Автомото сојузот на Македонија. Зголемена фреквенција на возила е регистрирана на граничните премини Богородица, Дојран и Табановце, каде што времето на чекање изнесува околу 30 минути. На останатите гранични премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Од АМСМ апелираат возачите да ја прилагодат брзината на условите на патот, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да управуваат внимателно, особено на делниците низ клисури, речни долини и котлини каде што постои опасност од одрони. Посебна претпазливост се препорачува на патиштата Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица е отворен за сообраќај за сите возила до 3,5 тона.

Во тек се повеќе градежни активности на државните патишта. На делницата Гостивар – Стража се врши санација на повеќе мостови и вијадукти, поради што е воведен времен режим на сообраќај. Работи се изведуваат и на мостовите на автопатот А2 кај Желино, како и на делницата Смоквица – Гевгелија поради изградба на интерконективен гасовод.

На скопската обиколница (А2) се спроведува рехабилитација на дел од трасата меѓу клучките Волково и Кондово, при што левата лента е затворена, а сообраќајот се одвива по средната и десната лента.

Продолжуваат и работите за санација на свлечиште на регионалниот пат Косоврасти – Мелнички Мост, додека на патниот правец Прилеп – Битола, поради изградбата на Коридорот 10Д, сообраќајот е пренасочен по регионалниот пат преку делницата Лагово – Тополчани.

CATEGORIES
Share This