ТРГНУВАТЕ НА ПАТ – АМСМ со важно предупредување , на овие делници бидете особено внимателни

Сообраќајот се одвива по суви коловози и без подолги задржувања на границите, но АМСМ предупредува на можни одрони и активни работи на повеќе патни делници.

ТРГНУВАТЕ НА ПАТ – АМСМ со важно предупредување , на овие делници бидете особено внимателни
Фото: Национал

Сообраќајот на државните патишта утрово се одвива непречено по суви коловози, информира АМСМ.

Интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Возачите се повикуваат да возат со прилагодена брзина, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да бидат особено внимателни на патиштата низ клисури, речни долини и котлини, каде е можна појава на одрони. Најголема претпазливост се препорачува на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица останува отворен за сите возила до 3,5 тони.

Во сила е и летниот режим на сообраќај, кој важи од 1 јули до 31 август. Забрането е движење на тешки товарни возила над 15 тони:

  • во петок од 17:00 до 22:00 часот,
  • во сабота од 09:00 до 18:00 часот,
  • во недела од 09:00 до 22:00 часот.

При екстремно високи температури, забраната ќе важи и од понеделник до четврток, од 11:00 до 17:00 часот, согласно одлука на Министерството за здравство. Исклучок има за возила што превезуваат животни, леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, опасни материи, хуманитарна помош, жито и возила ангажирани на државни инфраструктурни проекти.

Дополнително, на магистралниот пат А2 Скопје – Охрид важи посебна забрана за товарни возила над 7,5 тони за време на викендите:

  • петок од 15:00 до 22:00 часот,
  • сабота од 07:00 до 12:00 и од 18:00 до 24:00 часот,
  • недела од 07:00 до 22:00 часот.

Во тек се и повеќе градежни активности и времени режими на сообраќај:

  • од 6 јули започна санација на мостот на реката Брегалница на регионалниот пат Р1204 кај Штип;
  • продолжуваат работите на мостовите на автопатот А2 Гостивар – Стража;
  • се санираат мостовите на А2 кај село Желино;
  • во тек е изградба на интерконективен гасовод под автопатот А1 на делницата Смоквица – Гевгелија;
  • се врши рехабилитација на скопската обиколница меѓу клучките Волково и Кондово, каде сообраќајот се одвива по две ленти со поставена сигнализација;
  • активен е времен режим поради санација на свлечиште на патот Косоврасти – Мелнички Мост;
  • поради изградба на Коридорот 10Д, сообраќајот на патниот правец Прилеп – Битола е пренасочен по регионалниот пат од клучката Лагово до Тополчани.

АМСМ апелира сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат поставените ограничувања и времените режими за безбедно и непречено патување.

CATEGORIES
Share This