ТРАВИЈАТА СЕ ВРАЌА ВО СКОПЈЕ – Опера што ќе ве остави без здив

Вердиевиот оперски бисер „Травијата“ на сцената на НОБ во рамките на „Мајски оперски вечери“.

ТРАВИЈАТА СЕ ВРАЌА ВО СКОПЈЕ – Опера што ќе ве остави без здив
Фото: Принтскрин

Безвременската оперска класика „Травијата“ од Џузепе Верди, ремек-дело што плени со својата страст, драматичност и незаборавна музика, ќе биде изведена на сцената на Националната опера и балет на 27 мај, со почеток во 20:00 часот, во рамките на 54. издание на фестивалот „Мајски оперски вечери“.

Инспирирана од романот „Дамата со камелии“, оваа опера раскажува длабоко човечка приказна за љубовта, жртвата и судирот со општествените норми.

Диригент на изведбата е гостинот од Унгарија, Гергељ Кесељак, додека режијата е на реномираната германска режисерка Верена Штојбер. Продукцијата се одликува со силна сценска динамика и визуелна префинетост. Сценографијата и костимографијата се дело на Софија Шнајдер од Германија, кореограф е Саша Евтимова, концерт-мајстор е Јане Бакевски, а хор-мајстор Јасмина Ѓоргеска.

Во главната улога на Виолета Валери ќе настапи Теа Пурцеладзе од Грузија, како Алфред Жермон ќе настапи Алесандро Фантони од Италија, а Жорж Жермон ќе го толкува Бадрал Чулунбатар од Монголија. Во останатите улоги учествуваат Марика Поповиќ, Александра Лазаровска Василевски, Кристијан Антовски, Драган Ампов, Никола Стојчевски, Невен Силјановски, Игор Гиновски и Тихомир Јакимовски, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.

„Травијата“ е едно од најзначајните и најчесто изведувани дела во светската оперска литература. Напишана е од Џузепе Верди во 1853 година и премиерно изведена истата година во театарот „Ла Фениче“ во Венеција. Создадена според романот „Дамата со камелии“ од Александар Дима-син, оваа опера и денес се смета за клучно дело на светскиот оперски репертоар, кое со својата силна драмска линија и емотивна длабочина останува актуелно на сцените ширум светот, како и кај нас.

CATEGORIES
Share This