КОНЦЕРТОТ ТРАНСФОРМАЦИИ ВО СТРУМИЦА Заборавени македонски песни добиваат нов живот
Гудачкиот квартет „Пламенка Трајковска“ ќе претстави нови аранжмани инспирирани од мелографските записи на Живко Фирфов.

Во сабота, 10 октомври, со почеток во 19 часот, во НУЦК „Антон Панов“ во Струмица ќе се одржи концертот „Трансформации“, музичко-истражувачки проект посветен на македонското музичко наследство.
На концертот ќе настапи гудачкиот квартет „Пламенка Трајковска“, во состав Пламенка Трајковска и Милена Гиевска-Андоновска на виолина, Љубица Бошкоска на виола и Александра Јаневска на виолончело.
„Трансформации“ носи нови аранжмани на заборавени и помалку познати народни песни од македонската фолклорна ризница, со кои традиционалните мелодии добиваат нов музички израз преку класичниот звук на гудачкиот квартет.
Проектот е посветен на одбележувањето на 120-годишнината од раѓањето на Живко Фирфов – македонски етномузиколог, композитор, диригент и музички деец, кој оставил значаен придонес во собирањето, запишувањето и проучувањето на македонскиот музички фолклор.
За подготовката на концертот се користени мелографските колекции на Фирфов, врз чија основа Пламенка Трајковска изработила нови и иновативни аранжмани за гудачки квартет.
Во музичкиот израз се спојуваат влијанијата на класичната музика и традиционалниот инструментариум на квартетот две виолини, виола и виолончело со македонските мелодиски и ритмички линии од различни региони на Македонија.
Аранжманите се насочени кон зачувување на автентичните карактеристики на македонскиот музички код, но истовремено создаваат нови музички слики во кои традицијата и современиот интерпретативен пристап се среќаваат на една сцена.
Концертот „Трансформации“ е замислен како можност публиката преку гудачкиот квартет повторно да ја открие македонската музичка ризница и преку неа да ја почувствува историјата, културата и емоцијата вткаени во народната музика.
Концертот се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија и НУЦК „Антон Панов“ Струмица.

