ТРАМП ОД ОН МУ ПРЕТИ НА ИРАН Или договор или ќе ја уништам Исламската Република

Американскиот претседател најави договор по изборите и тврди дека во вториот мандат запрел осум конфликти.

ТРАМП ОД ОН МУ ПРЕТИ НА ИРАН Или договор или ќе ја уништам Исламската Република
Фото: Принтскрин

Американскиот претседател Доналд Трамп во говорот пред Генералното собрание на Обединетите нации ја бранеше политиката на Вашингтон кон Иран, тврдејќи дека војната го спречила Техеран да дојде до нуклеарно оружје.

Трамп предупреди дека, доколку не биде постигнат договор, САД би можеле да преземат дополнителни чекори против Исламската Република.

„Имам голема одлука да донесам. Дали ќе има договор со Иран што ќе им овозможи да ја обноват и создадат земја многу поуспешна од кога било досега? Или ќе ја уништам Исламската Република и ќе го направам тоа брзо, без да ѝ дадам повеќе можност да убива и уништува луѓе и земји?“, изјави Трамп.

Тој додаде дека верува оти неговата администрација би можела да постигне договор со Техеран по среднорочните избори во САД на 3 ноември.

„Верувам дека ќе постигнеме договор веднаш по изборите бидејќи нема смисла Иран да не го прифати. Тие чекаат да видат како ќе се снајдам на среднорочните избори“, рече американскиот претседател.

Трамп бара економска изолација на Иран

Американскиот претседател ги повика другите држави да им се придружат на САД во економската изолација на Иран, со цел да се изврши притисок врз Техеран да седне на преговарачка маса.

Трамп претходно како причини за американско-израелските напади ги наведуваше иранската нуклеарна програма, поддршката за сојузничките вооружени групи во регионот и можноста за промена на режимот.

Иран, од своја страна, постојано ги отфрла обвинувањата дека се обидува да развие нуклеарно оружје.

Во говорот Трамп истовремено упати критики кон Обединетите нации и ги истакна напорите на неговата администрација за спротивставување на, како што ги опиша, обидите на меѓународните организации да посегнат по американскиот суверенитет и да промовираат левичарска политичка агенда.

„Спасив 30 милиони животи“

Трамп во ОН се пофали и дека во текот на својот втор мандат ставил крај на осум војни.

„Речиси секоја од овие земји ми напиша писмо на благодарност“, изјави тој.

Според Трамп, пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф му рекол дека со неговите напори биле спасени 30 милиони животи.

Американскиот претседател меѓу конфликтите за кои тврди дека ги запрел ги наведе Израел-Хамас, Израел-Иран, Египет-Етиопија, Индија-Пакистан, Србија-Косово, Руанда-Конго, Ерменија-Азербејџан и Камбоџа-Тајланд.

Тврдењето за Србија и Косово предизвика внимание

Меѓу наведените конфликти е и односот меѓу Србија и Косово, за кој Трамп рече дека го „запрел“.

Сепак, Белград и Приштина не се во војна од 1999 година. Односите меѓу двете страни остануваат исклучително напнати, со повремени сериозни инциденти, но формално не станува збор за активна војна.

Пред седиштето на ОН во Њујорк во меѓувреме се собраа десетици демонстранти против иранската власт. Тие носеа транспаренти со повици за слобода и демократија и критики кон иранскиот режим.

CATEGORIES
Share This