ТРАГИЧНА НЕСРЕЌА ВО АЛБАНИЈА Загина 26-годишна девојка од Струга
Несреќата се случила на патниот правец Поградец - Ќафасан; истрагата е во тек

Медиумите на албански јазик во Македонија го објавија идентитетот на 26-годишната девојка од земјава која вчера трагично го загуби животот во сообраќајна несреќа што се случила во Албанија.
Станува збор за Елмедина Љога од струшкото село Ливада. По објавувањето на информацијата, во јавноста беа споделени и нејзини фотографии, а веста предизвика голема тага кај жителите на регионот и пошироко.
Несреќата се случила на патниот правец Поградец – Ќафасан. Според достапните информации, младата девојка била сопатничка во автомобил управуван од друга жителка на истото село. Возилото се судрило со автомобил управуван од албанска државјанка од Корча.
Во судирот најтешко настрадала 26-годишната сопатничка, која починала од здобиените повреди.
Двете возачки на возилата биле пренесени во болница на понатамошно лекување. Според информациите од надлежните, нивната здравствена состојба е стабилна и се надвор од животна опасност.
Надлежните органи продолжуваат со истрагата за да ги утврдат сите околности и причините за трагичната сообраќајна несреќа.


