ТРАГЕДИЈА НА НОВОГОДИШНАТА НОЌ – Двегодишно дете почина од залутан куршум
Двегодишното дете било надвор со мајката кога било погодено од залутан куршум за време на огномет

Утрово на скопските клиники почина двегодишно дете кое беше тешко повредено за време на новогодишната ноќ. Според првичните информации, детето било погодено од залутан куршум додека неговата мајка го држела во раце во дворот пред куќата и гледале огномет пред полноќ.
Мајката го држела во раце кога, како што информирала во МВР, слушнала звук и забележала крв од главата на детето. Тоа веднаш било пренесено во Градската болница, а поради сериозноста на повредите било префрлено на Клиниката за детска хирургија. Лекарите констатирале крварење во мозокот со зафатени сите мозочни комори. Детето било во тешка и животозагрозувачка состојба и било ставено под постојан медицински надзор.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, изјави дека станува збор за еден од најтешките инциденти за време на новогодишната ноќ. Тој посочи дека повредата е предизвикана од метален фрагмент, а околностите на настанот се уште се предмет на истрага.


