ТИНЕКС ПОД НОВА КОНТРОЛА Косовски гигант го презема македонскиот малопродажен бизнис
Комисијата даде зелено светло за концентрацијата – „Проекс Интернационал“ од Приштина го презема бизнисот зад „Тинекс“, „СуперТинекс“ и „Тинекс Деликатес“.

Комисијата за заштита на конкуренцијата даде одобрение за концентрацијата со која косовската компанија „Проекс Интернационал“ од Приштина ќе стекне контрола врз „Тинекс маркет“ ДООЕЛ Скопје, покажува решението донесено од Комисијата.
Според документот, на 2 јули 2026 година било потпишано писмо за намери меѓу „Тинекс-МТ“, во својство на продавач, и „Проекс Интернационал“, како купувач. Со него биле утврдени главните комерцијални услови за преземање на малопродажниот бизнис со супермаркети на „Тинекс“ во Македонија.
Трансакцијата го опфаќа малопродажниот бизнис кој функционира под брендовите „Тинекс“, „СуперТинекс“, „Тинекс Деликатес“, „Конто“ и „Спот“.
По потпишувањето на писмото за намери, на 14 јули 2026 година „Тинекс-МТ“ го регистрирал друштвото „Тинекс маркет“ ДООЕЛ Скопје. Според решението, новото друштво е формирано како средство преку кое ќе се реализира стекнувањето и ќе продолжи работењето на бизнисот.
Предвидено е малопродажниот бизнис, односно неговите релевантни делови, да бидат ставени на располагање на „Тинекс маркет“ согласно договорените услови и конечната документација за трансакцијата.
Кој е „Проекс Интернационал“?
„Проекс Интернационал“ е компанија со седиште во Приштина, чија основна дејност е трговија на мало во неспецијализирани продавници, со доминантен фокус на храна, пијалаци и тутунски производи.
Компанијата е дел од „Проекс груп“, косовска деловна групација со активности во трговијата, дистрибуцијата, малопродажбата, логистиката и енергетскиот сектор.
Групацијата, меѓу другото, се занимава со увоз и дистрибуција на стоки за широка потрошувачка, управување со синџири супермаркети, како и трговија, складирање и дистрибуција на нафтени деривати.
Со одобрението од Комисијата за заштита на конкуренцијата се отвора патот за реализација на трансакцијата и влез на „Проекс Интернационал“ во македонскиот малопродажен сектор преку бизнисот на „Тинекс“.

