ТАЖНА ГОДИШНИНА 78 години од прогонството на децата Македонци од Егејот
Во Скопје ќе се одржи комеморативен настан посветен на 80-годишнината од почетокот на Граѓанската војна во Грција и 78 години од прогонството на децата Македонци од Егејскиот дел на Македонија.

Во Скопје денеска ќе бидат одбележани 80 години од почетокот на Граѓанската војна во Грција (1946–1949) и 78 години од прогонството на децата Македонци од Егејскиот дел на Македонија во 1948 година.
Комеморативната програма ја организираат Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија „МАКЕДОН“ во соработка со Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија „Сонцето од Кутлеш“ – Скопје.
Одбележувањето ќе започне пред Споменикот на децата бегалци во Паркот „Жена-борец“, каде што ќе се обрати претседателот на Сојузот „МАКЕДОН“, Александар Јаневски.
Во 12 часот, во големата сала на Домот на културата „11 Октомври“ во населбата Ченто, во близина на МПЦ „Света Лидија“ во изградба, ќе се одржи свечена академија посветена на годишнините. Настанот е во организација на Здружението „Сонцето од Кутлеш“ – Скопје и ќе биде посветен на сеќавањето на настаните од Граѓанската војна во Грција и прогонството на децата Македонци од Егејскиот дел на Македонија.


