ТАЈНА ОДЛУКА – Мицкоски вели дека случајот бил затворен без знаење на врвот на обвинителството
Мицкоски очекува случајот за набавката на мазут за ТЕЦ „Неготино“ повторно да се отвори.

Премиерот Христијан Мицкоски очекува случајот за набавка на мазут за ТЕЦ „Неготино“, во кој се осомничени поранешниот директор на ЕСМ Васко Ковачевски, сопствениците на компанијата „РКМ“ Ерџан Сулкоски и Ратко Капушевски, Асмир Јахоски од „Пуцко Петрол“ и уште девет други лица, да биде вратен на повторно разгледување.
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) соопшти дека ја запира постапката, бидејќи по едногодишна истрага не биле утврдени докази за кривични дела.
„Јас вчера со неверување ја слушнав таа вест и бев шокиран од тоа што го слушнав. Добро е што АД ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ, кога ќе ја добие одлуката ќе вложи жалба и очекувам случајот повторно да биде вратен на преразгледување и нова анализа. Ако тоа не се случи, тогаш Обвинителството дефинитивно го губи својот кредибилитет со овој обвинител, Ислам Абази, и немам што повеќе да кажам. Јавноста знае за каков обвинител станува збор“, изјави Мицкоски при денешна посета на обновените операциони сали во ГОБ „8 Септември“.
Тој додаде дека одлуката за запирање на постапката не била позната ниту на државниот јавен обвинител.
„Во текот на вчерашниот ден разговарав со јавниот обвинител Ненад Савески, кој ме информираше дека не бил известен за оваа одлука на ОЈО ГОКК. Очекувам, по жалбата на АД ЕСМ, случајот да биде повторно разгледан“, истакна премиерот.
Од ОЈО ГОКК вчера соопштија дека ја запираат истрагата затоа што од собраните докази не произлегло дека осомничените незаконски склучувале договори и анекси, переле пари или злоупотребиле јавни повици за набавка на мазут за ТЕЦ „Неготино“. Според нив, постапките биле спроведени согласно законите и транспарентно.
