СВЕТСКИ ДЕН НА СРЦЕТО Не пропуштајте ниту едно отчукување

Фокусот годинава е на препознавањето на скриените симптоми, превенцијата и достапноста на кардиолошката нега.

СВЕТСКИ ДЕН НА СРЦЕТО Не пропуштајте ниту едно отчукување
Фото: Принтскрин

Денеска се одбележува Светскиот ден на срцето, под слоганот: „Болеста на срцето може да биде незабележлива: Фати го ритамот на срцето! Не пропуштај ниту едно отчукување!“.

Годинава акцентот е ставен на навременото препознавање на скриените симптоми, едукацијата на населението и преземањето активности за обезбедување универзален пристап до кардиолошка нега и превентивни скрининзи.

Светскиот ден на срцето е воспоставен во 2000 година, со цел јавноста ширум светот да се информира за значењето на превенцијата и за ризиците поврзани со заболувањата на срцето и крвните садови.

Според податоците на Светската федерација за срце и Светската здравствена организација, кардиоваскуларните заболувања се водечка причина за смртност во светот, со околу 20,5 милиони смртни случаи годишно.

Се проценува дека повеќе од 620 милиони луѓе во светот живеат со кардиоваскуларно заболување, при што меѓу најчестите се акутниот инфаркт на миокардот и мозочниот удар.

Пораката на Светскиот ден на срцето е насочена кон поголема свесност, превенција и навремено откривање на ризиците, бидејќи дел од срцевите заболувања може да се развиваат без јасни или забележливи симптоми.

CATEGORIES
Share This