СУДЕЊЕТО ЗА ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ Обвинителството ја отвора историјата на објектот
Фотографии од реновирањето, инспекциски наоди и комуникација меѓу институциите се дел од доказниот материјал што денеска се разгледува пред судот.

Со изведување на материјални докази од страна на Обвинителството, денеска во судницата во затворот „Идризово“ продолжува судскиот процес за катастрофалниот пожар во кочанската дискотека „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
На претходното рочиште обвинителскиот тим презентираше обемна документација што се однесува на објектот, неговата сопственичка структура и целокупната историја на имотот во кој работела дискотеката.
Пред судот беа изведени урбанистички планови, геодетски елаборати, барања за легализација поднесени во 2011 година за делови од објектот што биле евидентирани како бесправно изградени, како и записници од инспекциски контроли. Презентирани беа и договори за закуп, документи поврзани со процесот на легализација, како и записници за одземени предмети и документација пронајдена по пожарот.
Обвинителството приложи и фотографии од внатрешноста на дискотеката по реновирањето, добиени преку вештачење на мобилниот телефон на првообвинетиот Дејан Јованов. Според обвинителите, за извршените зафати во објектот не постои официјална документација.
Во текот на рочиштето беа презентирани и документи од Општина Кочани, меѓу кои записници од вонредни инспекциски надзори. Во нив е констатирано дека објектот, иако бил регистриран за лесна индустрија, со години функционирал како угостителски објект и дискотека, без соодветно одобрение за пренамена.
Судот имаше увид и во барања за неиздавање лиценца за работа од 2012 година, како и во комуникација меѓу Општина Кочани и Министерството за економија во врска со статусот и намената на објектот.
Одбраната, пак, оспори дел од презентираните материјали, тврдејќи дека тие биле прибавени на незаконит начин и побара истите да не бидат прифатени како доказ во постапката.
Меѓу доказите што ги изведе Обвинителството се најдоа и записници за одземени предмети по пожарот, меѓу кои лични документи, лаптопи, каса со пари и 140 билети за влез во дискотеката. Презентирани беа и договор за патролно обезбедување склучен меѓу „Рубикон секјурити солушнс“ и „ММММ Кафе ДООЕЛ“, како и документација од инспекциски надзори за безбедност и здравје при работа.
Пожарот во дискотеката „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и се смета за една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Судскиот процес го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, додека обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.
