СУБВЕНЦИИТЕ ДОЦНАТ – ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ВО ОЧАЈ Немаме за семе и ѓубриво

Земјоделците алармираат дека без итна исплата се загрозува новата производствена сезона.

СУБВЕНЦИИТЕ ДОЦНАТ – ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ВО ОЧАЈ Немаме за семе и ѓубриво
Фото: Принтскрин

Земјоделците изразуваат револт поради доцнењето на исплатата на субвенциите, нагласувајќи дека овие средства се клучни за одржување на тековното производство. Како што изјави за „Локално“ Ристо Велков, претседател на Сојузот на земјоделци од Струмица, без навремена финансиска поддршка тие се соочуваат со сериозни тешкотии во набавката на нафта, ѓубрива, семе и други репроматеријали.

Според него, ваквата состојба директно се одразува врз агротехничките операции, а со тоа и врз приносите и квалитетот на земјоделското производство.

Земјоделците бараат итна исплата на заостанатите субвенции, предупредувајќи дека доцнењето го загрозува не само тековното работење, туку и подготовките за новата производствена сезона. Тие посочуваат дека поради неплатените обврски не можат да аплицираат ниту за нови мерки за финансиска поддршка.

Според Законот за земјоделство и рурален развој, директните плаќања треба да се исплатат во тековната календарска година, а доколку тоа не е можно, најдоцна до 30 јуни следната година. Законот, исто така, предвидува дека Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој треба да ги извести корисниците за извршената исплата најдоцна еден месец по истекот на рокот.

Велков дополнително истакнува дека неизвесноста околу динамиката на исплатите создава сериозен проблем во планирањето на производството.

„Земјоделците не знаат дали и кога ќе ги добијат субвенциите. Во такви услови е речиси невозможно да се прави долгорочен план, да се инвестира или да се преземаат нови обврски. Наместо да се посветат на работа, тие постојано се во неизвесност и чекање“, нагласува Велков.

CATEGORIES
Share This