СТРАНСКИТЕ ВОЗАЧИ НА УДАР МВР најавува казни што доаѓаат со задоцнување
Во преоден период, странските возачи ќе се санкционираат само преку полициските „пресретнувачи“ на коридорите 8 и 10.

Возачите кои транзитираат низ Македонија ќе бидат опфатени со системот „Безбеден град“, но додека не се заврши неговата целосна надградба, казни нема да се доставуваат до прекршителите. Во овој преоден период, возачите со странски регистарски таблички кои прават сообраќајни прекршоци на македонските автопати ќе можат да бидат санкционирани единствено од полициските „пресретнувачи“, кои, како што информираат од МВР, континуирано се распоредени на коридорите 8 и 10.
Од Министерството за внатрешни работи посочуваат дека овие екипи се постојано присутни со цел да ги санкционираат возачите што не ги почитуваат сообраќајните правила.
Министерот за внатрешни работи, Тошковски, претходно упати апел до сите што транзитираат низ коридорите 8 и 10 да бидат внимателни, нагласувајќи дека системот „Безбеден град“ веќе функционира и регистрира сообраќајни прекршоци. Тој најави дека во следната фаза ќе започне и доставувањето на казните за возачи со странски регистарски таблички, кои досега беа евидентирани, но не и наплатени.
„Брзо ќе бидете сведоци на целосна имплементација на вториот чекор, кој се однесува на доставата на казните за возилата со странски регистарски ознаки. Прекршоците се констатираат и ќе бидат доставени до прекршителите“, изјави Тошковски.
Од МВР информираат дека од февруари до јуни годинава бројот на загинати во сообраќајни несреќи е намален за околу 40% – од 55 жртви во истиот период лани на 34 оваа година.
Дополнително, од почетокот на примената на системот се регистрирани над 130.000 сообраќајни прекршоци, од кои повеќе од 95% се однесуваат на пречекорување на дозволената брзина. Според МВР, тоа покажува дека најголемиот ризик на патиштата е неодговорното возење, а не самите камери.
Во однос на странските возила, од Министерството посочуваат дека од февруари до мај годинава се евидентирани 33.722 прекршоци, при што најмногу во мај – 11.258, а најмалку во февруари – 4.301.
МВР најавува дека ќе се воспостави механизам за наплата и на овие казни, преку меѓународна соработка и гранични процедури. Оттаму истакнуваат дека целта на системот не е зголемување на казните, туку намалување на сообраќајните несреќи, бројот на жртви и подобрување на безбедноста на патиштата.
Во исто време се нагласува дека особено чувствително е прашањето за возилата со странски регистарски таблички. Ако системот не овозможи нивна ефикасна наплата, би се создала перцепција на нерамноправност, што може да ја наруши довербата во мерките.
Летниот период дополнително го зголемува сообраќајниот притисок, со голем број транзитни возила, дијаспора и туристи. Затоа, од МВР посочуваат дека е неопходна целосна примена на системот и за странските возачи, со цел воспоставување еднаква примена на правилата за сите учесници во сообраќајот.


