ПОЛИТИЧКИ БЛОКАДА 13.500 амандмани ја закопаа реформата, Изборниот законик на работ на колапс
Работната група утре повторно во обид да ги приближи ставовите околу дијаспората и изборниот модел.

Сè уште нема приближување на ставовите меѓу власта и опозицијата околу измените на Изборниот законик, при што процесот е сериозно закочен поради над 13.500 поднесени амандмани од опозицијата. Поради нивниот обем, усвојувањето на законските измени практично е доведено во прашање. За утре е најавена нова средба на работната група, на која ќе се прави уште еден обид за надминување на разликите, особено околу прашањето за гласањето на дијаспората.
Од власта и опозицијата остануваат на спротивставени позиции. Премиерот Христијан Мицкоски предложи како компромис дијаспората да гласа по пошта, наместо електронски, во замена за повлекување на амандманите од опозицијата. Засега, на овој предлог нема одговор. Во меѓувреме, собраниските служби работат на превод на сите амандмани на албански јазик, поради што беше прекината седницата на Комисијата за политички систем, каде започна нивното разгледување.
СДСМ обвинува дека предложените измени отвораат простор за изборни манипулации преку гласањето на дијаспората, додека од партијата нагласуваат дека не се против правото на глас, туку против моделите кои, според нив, не гарантираат безбедност и регуларност на процесот.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвраќаат дека опозициските партии го блокираат процесот и дека нивните потези се политички мотивирани, со цел одложување на реформите.
Поддршка за воведување на електронско гласање, со претходни гаранции за безбедност и тајност на гласот, изрази и претседателот на Собранието Африм Гаши, кој повика на постигнување компромис меѓу парламентарните партии.
И покрај повеќекратните обиди за приближување на ставовите, главните разлики остануваат околу дијаспората, моделот на една изборна единица и финансирањето на политичките партии, што засега го држи процесот во блокада.


