ОД СРАМОТА ДО СРАМОТ ЗА НЕЈЗИНАТА РАБОТА Бурна пресметка за избор на судија во Стразбур на местото на баџанакот на Мијалков

Еден кандидат жестоко ја критикувал Комисијата, а таа возврати со порака која отвори нова контроверзија.

ОД СРАМОТА ДО СРАМОТ ЗА НЕЈЗИНАТА РАБОТА Бурна пресметка за избор на судија во Стразбур на местото на баџанакот на Мијалков
Фото: Принтскрин

Постапката за избор на македонски судија во Европскиот суд за човекови права повторно предизвика реакции, откако Комисијата за избор остро одговори на критиките од еден од кандидатите. Во својата реакција, Комисијата му порача на кандидатот да се соочи со „срамот за неговата работа“, додека Советодавниот панел на Советот на Европа по вторпат оцени дека кандидат предложен од Македонија не ги исполнува во целост критериумите за функцијата.

Последна од кандидатската листа отпадна адвокатката Ана Дангова-Хуг. Откако европскиот панел оцени дека не ги исполнува целосно условите за судија во Стразбур, Комисијата на седницата одржана на 20 август едногласно одлучи на нејзино место да ја предложи адвокатката Јелена Ристиќ.

Дангова-Хуг беше предложена во мај, откако истиот панел претходно даде негативно мислење за адвокатот Јордан Апостолски. За останатите двајца кандидати од тогашната листа, Наташа Бошкова и Сашо Георгиевски,  европските експерти оценија дека ги исполнуваат потребните услови.

Со тоа, Македонија за само неколку месеци по вторпат го менува третото име на кандидатската листа.

Во меѓувреме, дел од учесниците во постапката јавно ја критикуваа работата на Комисијата. Иако таа наведува дека принципиелно не ги коментира ставовите на кандидатите, сепак упати остра порака до еден од нив.

„Тој кандидат е подобро да се соочи со срамот за неговата работа, кој е нотиран во извештај на Државниот завод за ревизија, наместо да дава неумесни квалификации за работата на Комисијата“, се наведува во реакцијата.

Комисијата не го соопшти името на кандидатот на кого се однесува пораката. Меѓутоа, иако во реакцијата не е наведено името на кандидатот, од содржината и забелешките во одговорот може да се заклучи дека се однесува на поранешната уставна судијка и поранешна директорка на Академијата за судии и јавни обвинители, Наташа Габер-Дамјановска. Таа вчера на Фејсбук ја критикуваше работата на Комисијата, наведувајќи дека повторното враќање на листата покажува дека членовите не ја завршиле својата работа согласно Упатството на Советодавниот панел, оценувајќи ја ситуацијата со зборовите: „Срамота“.

да потсетиме, Наташа Габер-Дамјановска беше меѓу кандидатите кои се пријавија на огласот и беа повикани на интервју, но не успеа да се најде во потесниот избор. Нејзиното име не се најде на ниту една од трите листи со по тројца кандидати, од кои две беа доставени до експертскиот панел на Советот на Европа, но потоа беа вратени.

Габер-Дамјановска и претходно беше дел од финалниот избор за македонски судија во Европскиот суд за човекови права, во 2016 година. Тогаш беше прв предлог на надлежната комисија при Парламентарното собрание на Советот на Европа, но пленумот на крајот го избра Јован Илиевски, баџанакот на Сашо Мијалков. Изборот тогаш беше проследен со информации за непримерни лобирања и сомнежи за корупција.

Сега од Комисијата истовремено нагласуваат дека Советодавниот панел на Советот на Европа немал забелешки за начинот на кој била спроведена националната постапка. Според нивното објаснување, европските експерти ги оценувале кандидатите поединечно, а не регуларноста на работата на Комисијата.

Така, досегашниот тек на постапката покажува дека Советот на Европа не ја вратил кандидатската листа поради утврдени нерегуларности во националниот изборен процес, туку поради оценката дека одредени кандидати не ги исполнуваат во целост високите критериуми потребни за функцијата.

Сепак, честите промени на кандидатите дополнително ја одолговлекуваат постапката, која трае веќе околу година и половина.

Првата комисија ги избра судијката Габриела Гајдова, обвинителката Ленче Ристоска и адвокатот Јордан Апостолски. Но, пред листата да биде испратена во Стразбур, Владата ја поништи постапката и формираше нова комисија.

Новото тело, предводено од претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски, во ноември ги предложи Апостолски, Бошкова и Георгиевски.

По негативното мислење за Апостолски, тој беше заменет со Дангова-Хуг. Сега, по негативната оценка и за неа, третото место на листата го презема Јелена Ристиќ.

Костадиновски призна дека постапката трае предолго, но очекува новата листа да влезе во завршна фаза, можеби на октомвриската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа. Доколку тоа не се случи, изборот би можел да се најде на дневен ред на почетокот на следната година.

Конечната одлука не ја носи македонската Комисија. Македонија предлага листа од тројца кандидати, а судијата го избира Парламентарното собрание на Советот на Европа. Мандатот на судијата трае девет години.

Актуелниот македонски судија во Стразбур, Јован Илиевски, требаше да го заврши мандатот на 31 јануари 2026 година, но останува на функцијата до изборот на својот наследник. Советот на Европа и натаму го наведува како судија избран од Македонија.

По околу година и половина постапка, двајца кандидати кои не добија позитивна оценка од европскиот панел и повеќе промени на листата, Македонија сè уште нема избрано наследник на Илиевски. Новата јавна пресметка меѓу Комисијата и дел од кандидатите дополнително ги засилува прашањата околу начинот на кој се спроведува процесот за избор на македонски претставник во највисокиот европски суд за човекови права.

CATEGORIES
TAGS
Share This