СПРЕЧЕН ОГРОМЕН РИЗИК ЗА ПОТРОШУВАЧИТЕ – 40 тони јајца од Србија откриени и уништени

Две пратки со над 572.000 необележани свежи јајца откриени од инспекциските служби.

СПРЕЧЕН ОГРОМЕН РИЗИК ЗА ПОТРОШУВАЧИТЕ – 40 тони јајца од Србија откриени и уништени
Фото: Национал

Повеќе од 40 тони необележани јајца од Србија беа уништени на депонијата „Дрисла“, откако беа запленети на граничниот премин Табановце. Јајцата требало да бидат дополнително обележани и лажно пласирани како македонски, соопшти Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

Станува збор за две пратки со вкупно над 572.000 свежи јајца и во едната 270.000, а во другата 302.400.

Инспекциските служби и Одделението за следење измами со храна при АХВ, во координација со Царинската управа, минатата недела спречија обид за нелегален увоз на овие јајца. Тие биле скриени зад првите палети со уредно декларирана стока.

Благодарение на брзата и стручна реакција на АХВ, спречена е сериозна измама и потенцијален ризик за потрошувачите.

Вкупната количина од 40,41 тони е прогласена за небезбедна и е безбедно уништена на депонијата „Дрисла“. АХВ повторува дека продолжува со засилени контроли и активности на терен за заштита на безбедноста на храната, интересите на граѓаните и домашните производители.

За субјектите вклучени во случајот ќе бидат изречени соодветни мерки, а следуваат и дополнителни проверки на нивното досегашно работење.

CATEGORIES
Share This