СПЕКТАКЛ ПОД ЅВЕЗДИТЕ 75 млади музичари го кренаа Долни Сарај на нозе
Младинскиот оркестар на Западен Балкан со 75 музичари приреди незаборавна вечер под диригентската палка на Десар Сулејмани.

Во прекрасниот амбиент на Долни Сарај, вчеравечер публиката на фестивалот „Охридско лето“ уживаше во уште еден впечатлив концерт, овојпат исполнет со енергијата и талентот на младите музичари од регионот.
На сцената настапи Младинскиот оркестар на Западен Балкан, составен од 75 врвни млади инструменталисти, кои под диригентската палка на маестро Десар Сулејмани приредија музичка вечер исполнета со силна емоција, ентузијазам и врвна изведба. Нивната енергија и посветеност не останаа незабележани, туку силно допреа до публиката.
На програмата беа дела од големи композитори, меѓу кои Увертирата од операта „Танхојзер“ на Рихард Вагнер, „Помошникот на волшебникот“ од Пол Дука, наградено дело од млад композитор од Западен Балкан, „Романска рапсодија бр. 1, оп. 11“ од Жорж Енеску и „Римски борови“ од Оторино Респиги.
„Голема е честа за целиот оркестар да се биде овде. Сакав да го донесам на „Охридско лето“ и успеавме во тоа. Имавме спектакуларна програма“, изјави диригентот и пијанист Десар Сулејмани.
Младинскиот оркестар на Западен Балкан е основан со идејата дека музиката може да ги поврзе луѓето и таму каде што зборовите и политиката честопати не успеваат. Во регион со сложено историско наследство, оркестарот создава простор во кој младите музичари од различни земји и култури заедно создаваат уметност, надминувајќи ги разликите.
Инспириран од Европските летни музички академии во Приштина, оркестарот официјално е формиран во 2019 година под уметничко раководство на Десар Сулејмани.
Денес, Младинскиот оркестар на Западен Балкан е многу повеќе од музички ансамбл. Тој претставува мост меѓу младите уметници од регионот и силен пример дека музиката може да биде јазик на дијалогот, разбирањето и соработката.
„БИЛЈАНА“ ВО НОВО РУВО Националниот џез оркестар го воодушеви Охрид со „Македонски сновиденија“

