НОВА ЖРТВА НА ЗАПАДНОНИЛСКАТА ТРЕСКА Четири лица починаа, 20 се хоспитализирани

Уште еден пациент почина на Инфективна клиника, а пет лица со потешка клиничка слика се на интензивна нега.

НОВА ЖРТВА НА ЗАПАДНОНИЛСКАТА ТРЕСКА Четири лица починаа, 20 се хоспитализирани
Фото: Принтскрин

Уште еден пациент со тешка форма на западнонилска треска почина на Универзитетската клиника за инфективни болести. Станува збор за 76-годишен пациент кај кого лабораториски била потврдена невроинвазивна форма на инфекцијата.

Директорот на Клиниката, Фадил Цана, информираше дека пациентот бил хоспитализиран 27 дена, но и покрај лекувањето, поради тешката форма на заболувањето и сериозните придружни заболувања, во доцните попладневни часови настапил летален исход.

Со најновиот случај, бројот на починати лица од западнонилска треска во земјава достигна четири. Во моментов на Клиниката се хоспитализирани 20 пациенти, од кои 18 се лабораториски потврдени случаи, а два се водат како клинички суспектни.

Пет пациенти се на интензивна нега поради потешка клиничка слика и нивното лекување се одвива согласно медицинските протоколи. Досега 15 лица ја надминале инфекцијата и се отпуштени од Клиниката.

Цана соопшти и дека кај 25-годишната пациентка, која претходно се водела како клинички суспектен случај, дополнително е потврдена невроинвазивна форма на инфекцијата. Во меѓувреме, хоспитализиран е и 24-годишен пациент од Центар, кој засега се води како суспектен случај. Резултатите од испитувањата треба да покажат дали и кај него ќе биде потврдена инфекцијата.

Според Цана, невроинвазивната форма на западнонилска треска бара болничко лекување. Сите пациенти кои во моментов се хоспитализирани на Клиниката имаат ваква форма на заболувањето.

Тој појасни дека невроинвазивна форма развиваат околу еден процент од инфицираните, а напредната возраст е еден од значајните независни ризик-фактори за потежок тек и неповолен исход, особено кај пациентите со воспаление на мозокот и мозочните обвивки.

Сите досега хоспитализирани пациенти се од Скопје.

CATEGORIES
Share This