СООБРАЌАЈОТ ЗГОЛЕМЕН На Табановце се чека околу 30 минути
АМСМ со предупредување за внимателно возење поради можни одрони, а од денеска изменет режим на сообраќај кај наплатната станица Преод

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, а коловозите се суви. Интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
На граничниот премин Табановце, времето на чекање за влез во државата е околу 30 минути. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез и излез од државата.
Од АМСМ апелираат до возачите да ја прилагодат брзината, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да управуваат внимателно, особено на патиштата низ котлини, речни долини и клисури, каде што постои можност од појава на одрони.
Посебно внимание се препорачува на делниците Катланово–Велес, Маврово–Дебар–Струга, Виница–Берово и Кочани–Делчево.
Во периодот од 17 август до 1 октомври 2026 година ќе има изменет режим на сообраќај пред наплатната станица Преод, поради изведување работи на објектот „Санација на косина на автопат А4, делница Миладиновци–Свети Николе–Штип“.
Во сила е и сезонскиот режим на сообраќај на патниот правец Охрид–Ресен преку Националниот парк Галичица, кој од 15 април е отворен за сообраќај за сите видови возила до 3,5 тони.

