СООБРАЌАЈОТ ПО СУВИ КОЛОВОЗИ Прекин на патот Велес – Чашка кај Превалец
Зголемен интензитет на сообраќајот надвор од градските средини, без подолги задржувања на граничните премини.

Сообраќајот на државните патишта во земјава во моментов се одвива непречено и по суви коловози. Сепак, од 09:00 часот сообраќајот е целосно во прекин во двата правца на регионалниот пат Велес – Чашка, кај местото Превалец.
Интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е зголемен, додека на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од АМСМ апелираат до возачите да ја приспособат брзината според условите на патот, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да управуваат со зголемено внимание. Посебна претпазливост се препорачува на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде постои опасност од одрони.
На ризик од одрони особено се посочуваат делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Изменет режим кај наплатната станица Преод
Во периодот од 17 август до 1 октомври 2026 година, поради санација на косината на автопатот А4, на делницата Миладиновци – Свети Николе – Штип, кај наплатната станица Преод, е воспоставен изменет режим на сообраќај.
Сезонски режим на патот Охрид – Ресен
Патниот правец Охрид – Ресен, преку Националниот парк „Галичица“, од 15 април е отворен за сообраќај за сите видови возила со вкупна маса до 3,5 тони.
Ограничувања за тешки товарни возила
Во периодот од 1 јули до 31 август важи летен режим на сообраќај со забрана за движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони во одредени периоди за време на викендите, како и при екстремно високи температури.
Забраната важи:
- петок: од 17:00 до 22:00 часот;
- сабота: од 09:00 до 18:00 часот;
- недела: од 09:00 до 22:00 часот.
При екстремно високи температури, забраната од понеделник до четврток важи од 11:00 до 17:00 часот.
Ограничувањето не се однесува на возила што превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури, леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, опасни материјали, како и на возила ангажирани за реализација на проекти на државните патишта.
На магистралниот пат А2 Скопје – Охрид – Скопје, со важност до 1 септември, важи посебна забрана за тешки товарни возила со вкупна маса над 7,5 тони.
Забраната е во сила:
- петок: од 15:00 до 22:00 часот;
- сабота: од 07:00 до 12:00 и од 18:00 до 24:00 часот;
- недела: од 07:00 до 22:00 часот.
Посебниот режим има цел да се намалат сообраќајните метежи на патот кон Охрид, особено во периодот на летната туристичка сезона, како и застојот на наплатните станици.
Градежни работи и времен режим на повеќе делници
Во моментов се изведуваат градежни и санациони активности на повеќе патни правци во земјава:
- Во Штип, од 6 јули е воведен времен режим на сообраќај поради санација на мостот на реката Брегалница на патот Р1204, кој ќе трае до завршување на работите.
- На патот А2 Гостивар – Стража се врши санација на мостовите бр. 4 – Вијадукт на Атанасова Река и бр. 7 – Вијадукт на Дол, поради што е воспоставен времен режим на сообраќај.
- На патот А2 кај Желино, на мостовите над реката Вардар во двата правца, Скопје – Желино и Желино – Скопје, се изведуваат санациони работи и важи времен режим на сообраќај.
- На автопатот А1 „Пријателство“, на делницата Смоквица – Гевгелија, се изведуваат работи за премин на интерконективен гасовод под автопатот, поради што е поставена соодветна сигнализација за времен режим.
- На скопската обиколница, на патот А2, се врши рехабилитација на делница во должина од околу 250 метри, од клучката Волково до клучката Кондово. Затворена е левата лента за претекнување, а сообраќајот се одвива по средната и десната лента.
- На регионалниот пат Р1202 Косоврасти – Мелнички Мост се врши санација на свлечиште, поради што е воспоставен времен режим на сообраќај до завршување на работите.
- Како дел од изградбата на Коридор 10Д, на патниот правец Прилеп – Битола важи времен режим на сообраќај, со пренасочување на возилата по регионалниот пат, на делницата од клучката Лагово до Тополчани.
Од АМСМ повторно апелираат до сите учесници во сообраќајот да возат внимателно, да ја почитуваат поставената сигнализација и да ја приспособат брзината според условите на патот.

