СООБРАЌАЈНА ИНФОРМАЦИЈА Непречен сообраќај низ државата, без подолги чекања на граничните премини

Во тек се повеќе градежни активности и важат времени режими на сообраќај на следните делници.

СООБРАЌАЈНА ИНФОРМАЦИЈА Непречен сообраќај низ државата, без подолги чекања на граничните премини
Фото: Национал

Денеска (8 јули) сообраќајот на сите државни патишта во Македонија се одвива непречено по суви коловози. Интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна во моментов нема подолги задржувања ниту за влез, ниту за излез од државата.

Од АМСМ апелираат возачите да ја прилагодат брзината на условите на патот, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да управуваат внимателно, особено низ клисури, речни долини и котлини, каде што постои опасност од појава на одрони. Поголема претпазливост се препорачува на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица останува отворен за сите возила со вкупна маса до 3,5 тони. Во сила е и летниот режим на сообраќај за тешките товарни возила над 15 тони, кој важи од 1 јули до 31 август. Забраната се применува:

  • во петок од 17:00 до 22:00 часот,
  • во сабота од 09:00 до 18:00 часот,
  • во недела од 09:00 до 22:00 часот.

Во денови со екстремно високи температури, определени од Министерството за здравство, ограничувањето важи и од понеделник до четврток, во периодот од 11:00 до 17:00 часот.

Дополнително, на магистралниот пат А2 Скопје – Охрид до 1 септември е во сила посебен режим за товарни возила над 7,5 тони:

  • петок од 15:00 до 22:00 часот,
  • сабота од 07:00 до 12:00 и од 18:00 до 24:00 часот,
  • недела од 07:00 до 22:00 часот.

Овие ограничувања не се однесуваат на возила што превезуваат живи животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури, леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, опасни материи, како и возила ангажирани на проекти на ЈП за државни патишта.

Активни работи на патиштата

Во тек се повеќе градежни активности и важат времени режими на сообраќај на следните делници:

  • регионалниот пат Р1204 во Штип, поради санација на мостот на реката Брегалница;
  • автопатот А2 Гостивар – Стража, каде се санираат повеќе мостови и вијадукти;
  • мостовите на реката Вардар кај село Желино на автопатот А2;
  • автопатот А1 Смоквица – Гевгелија, поради изградба на интерконективен гасовод;
  • скопската обиколница (А2), на потегот Волково – Кондово, каде сообраќајот се одвива по преостанатите коловозни ленти;
  • регионалниот пат Косоврасти – Мелнички Мост, поради санација на свлечиште;
  • патниот правец Прилеп – Битола, каде поради изградбата на Коридорот 10Д сообраќајот е пренасочен по регионалниот пат на потегот од клучката Лагово до Тополчани.

Од АМСМ препорачуваат сите возачи да ја следат поставената сигнализација и да ја прилагодат брзината на движење на условите на патот.

CATEGORIES
Share This