СОБРАНИЕТО ДОНЕСЕ НОВ ЗАКОН ЗА МЛАДИТЕ – Ќе добиваат 3.000 денари, еве кој има право
Серија собраниски одлуки: од социјални мерки до меѓународни обврски.

Собранието усвои повеќе закони и одлуки, меѓу кои и Законот за младински додаток, со кој младите до 23 години вработени во производствени дејности ќе добиваат месечен додаток од 3.000 денари.
Пратениците го поддржаа и Законот за изменување и дополнување на Законот за индустриски зелени зони, чија цел е усогласување со Законот за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ). Со измените се врши корекција на терминологијата и прилагодување на постојните законски решенија.
Собранието донесе и Одлука за испраќање припадник на Армијата на Република Северна Македонија во мисијата на Европската Унија „АЛТЕА“ во Босна и Херцеговина.
Дополнително, пратениците усвоија заклучоци со кои оценија дека нема потреба од автентично толкување на одредби од повеќе закони. Станува збор за барања поврзани со Законот за данокот на личен доход, Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, како и одредби од Законот за државните и административните службеници, поднесени од пратеници и од Општина Долнени.
