СО ПОДДРШКА ОД КУРТИ – ВРЕДИ прави чекор кон единствена партија

Лидерите на Беса и Демократското движење ќе бидат копретседатели на новата партија.

СО ПОДДРШКА ОД КУРТИ – ВРЕДИ прави чекор кон единствена партија
Фото: Национал

Коалицијата ВРЕДИ, која ја освои власта на последните избори, се подготвува да направи нов чекор во своето политичко делување и трансформација во единствен политички субјект. Според информации од партиски извори, лидерите на коалицијата викендов на Косово, за време на одбележувањето посветено на Адем Јашари и неговото семејство, пред косовскиот премиер Албин Курти ќе ја официјализираат намерата за формирање заедничка партија.

Курти, кој имал значајна улога и во создавањето на коалицијата пред изборите во 2024 година, се очекува да се појави на заедничка фотографија со новото потесно раководство на ВРЕДИ. Според информациите, веќе е постигнат договор новата партија да се води според модел со двајца копретседатели.

Како што се најавува, копретседатели ќе бидат лидерите на Беса и Демократското движење – Билал Касами и Изет Меџити. Функцијата генерален секретар, според договорот, би требало да му припадне на Беким Сали, по барање на неговата партија Алтернатива. Еден од сигурните потпретседатели ќе биде Беким Ќоку, додека сѐ уште нема конечна одлука дали втората потпретседателска позиција ќе му припадне на пратеникот Илир Демири или на неговата колешка Мимоза Муса. Двајцата неодамна извојуваа внатрепартиска предност во однос на вицепремиерот Арбен Фетаи.

Според извор од владејачката албанска коалиција, ваквиот развој на настаните во рамките на Алијансата не се очекува да има директни последици врз позицијата на Фетаи во Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски.

Илир Демири, кој претходно се одвои од крилото на Алијанса за Албанците предводено од Зијадин Села и во изминатите месеци настапуваше како независен пратеник, се очекува да се приклучи кон пратеничката група на ВРЕДИ и формално да стане дел од новата политичка структура. Партиски извори најавуваат и можни нови пратенички трансфери, главно од албанскиот политички блок, што би можело дополнително да го зацврсти парламентарното мнозинство.

Неофицијално, во процесот на финализирање на ВРЕДИ како единствена партија се планираат и измени во програмата со која коалицијата настапуваше во рамките на власта. Предвидени се и статутарни измени во структурата на идниот партиски конгрес, при што секој од сегашните субјекти во коалицијата би учествувал со по 20 проценти од членовите.

CATEGORIES
Share This