СЛУШАЛКИ И ТЕЛЕФОНИ ВО СООБРАЌАЈОТ – Казни веднаш од денеска
Целта на овие законски измени е да се зголеми безбедноста, да се намалат ризиците и да се заштитат човечките животи.

Од денеска, пешаците кои при премин на коловоз разговараат на мобилен телефон, користат слушалки во двете уши, смарт часовник или таблет, ќе бидат санкционирани. Исти мерки важат и за возачи на велосипеди, мопеди, мотоцикли, трицикли и четирицикли, кои за време на управување со возилото не смеат да користат електронски уреди.
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) соопшти дека со новите измени на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата се цели во унапредување на безбедноста на најранливите учесници во сообраќајот и намалување на бројот на несреќи предизвикани од невнимателност.
Новите законски решенија имаат за цел да ги елиминираат ризичните навики кај пешаците и возачите на одредени категории возила. Според законот, возачите на електрични тротинети, на пример, за време на управувањето не смеат да користат слушалки во двете уши, мобилен телефон, таблет, смарт часовник или друг електронски уред кој би ја намалил нивната стабилност и можност за безбедно реагирање. Исклучок се само специјализирани уреди за комуникација вградени во заштитните шлемови.
РСБСП нагласува дека со ова се поставуваат нови стандарди за одговорно учество во сообраќајот. Пешаците, велосипедистите, возачите на електрични тротинети и останатите учесници во сообраќајот се обврзуваат да не користат електронски уреди кои им го одвлекуваат вниманието.
Целта на овие законски измени е да се зголеми безбедноста, да се намалат ризиците и да се заштитат човечките животи. РСБСП апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата, бидејќи безбедноста на патиштата е заедничка одговорност на сите.


