СЛУЧАЈ ПУЛС Продолжува судењето за пожарот со нови докази
Обвинителството продолжува со изведување на материјални докази, меѓу кои телефонски листинзи од комуникации поврзани со случајот.

Судењето за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, денеска треба да продолжи во судницата во „Идризово“ со изведување на материјални докази од страна на Обвинителството.
Како што е најавено, обвинителството ќе презентира листинзи од телефонска комуникација. Со ова практично ќе се заокружи најголемиот дел од материјалните докази на обвинителството, по што ќе преостанат уште градежно вештачење и изјаснување на вештите лица.
На претходното рочиште беа изведени повеќе докази, меѓу кои записници од претрес, потврди за привремено одземени предмети од МВР, како и дописи и известувања од СВР Штип. Беа презентирани и документи од Државниот пазарен инспекторат поврзани со „Класик ДМ“ и „ММММ Кафе“, како и налози и записници од спроведени инспекциски надзори.
Јавната обвинителка Наташа Сарамандова пред почетокот на изведувањето на доказите истакна дека станува збор за сложен кривично-правен предмет, со голем број докази кои се веќе во завршна фаза на изведување. Таа нагласи дека доказите главно се однесуваат на околностите под кои се случила трагедијата и зошто таа резултирала со 63 загинати и над 200 повредени, меѓу кои има и млади лица и деца.
Таа додаде дека, доколку било дозволено согласно член 392 од Законот за кривична постапка, уште во оваа фаза би биле одговорени многу прашања на одбраната, но дека тие ќе бидат обработени во завршните зборови.
По завршувањето на доказите на Обвинителството, одбраната ќе започне со изведување свои докази и сведоци, а најавени се и две вештачења.
Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, додека обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.


