СЛОБОДАТА НЕ СМЕЕ ДА СЕ КУПУВА СО ПАРИ – Протест на родителите на загинатите во Кочани
Според родителите, наместо вистина и одговорност, се соочуваат со пропусти и прикривања

Со порака „Вие имате мисија – дали оваа држава ќе постои или ќе ја снема“, родителите на младите кои загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16 март, го одржаа 25-тиот по ред протестен „Марш за ангелите“ во Кочани.
Од државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски тие побараа целосно презентирање на доказите, јавна одговорност за пропустите во обвинителниот акт, проширување на обвинението кон сите вмешани лица и преиспитување на решението за домашен притвор. Родителите инсистираат на еднаков третман за сите осомничени.
„Од 16 март 2025 година вие повеќе немате функција. Вие имате мисија мисија дали оваа држава ќе постои или ќе ја снема,“ изјави Мита Тасева, мајка на починатиот диџеј Стефан Цеце Тасев.
Според родителите, наместо вистина и одговорност, се соочуваат со пропусти и прикривања. Тие велат дека биле приморани сами да го анализираат обвинителниот акт и да укажат на грешките во него. Дел од нив посочија дека поразителен е фактот што некои од осомничените се со мерки на претпазливост, а не во притвор, алудирајќи дека „слободата се купува со пари“.
„Ова е навреда за правдата и за целиот правен систем. Вашата должност е да обезбедите еднаков третман пред законот, а не да создавате систем каде богатите и влијателните се недопирливи,“ порачаа тие.
Протестниот марш започна од „Паркот на револуцијата“ и продолжи кон Трговскиот центар, Управата за јавни приходи и полициската станица. Демонстрантите околу петнаесет минути го блокираа кружниот тек кај двојниот мост, по што протестот заврши пред Основниот суд и Обвинителството во Кочани.


