СЛАВА НА БОГА – Македонците во Утрехт, Холандија добија своја црква
Со благослов на митрополит Пимен, црковната општина „Свети Стефан“ во Холандија се стекна со сопствен храм – историски чин за македонската заедница во Европа.

На 15 октомври 2025 година, Македонската православна црковна општина „Свети Стефан“ во Утрехт, Холандија, го оствари еден од своите најзначајни духовни и заеднички подвизи со стекнувањето на сопствен црковен објект со придружен простор. Купопродажниот договор беше склучен со благослов на надлежниот архиереј на Европската епархија на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Неговото Високопреосвештенство митрополит г. Пимен.
Овој историски настан претставува нова страница во животот на македонската православна заедница во Холандија и во цела Европа. Со тоа верниците конечно добија свое постојано богослужбено седиште во срцето на Утрехт – дом во кој ќе се негува верата, традицијата и духовното единство на македонскиот народ.
„Слава на Бога за сите Негови дарови!“, се вели во пораката на Македонската православна епархија за Европа, која упатува благодарност и честитки до сите верници и добротвори што со љубов и пожртвуваност придонеле кон оваа голема радост.


