СКРМ УДРИ ПО ЉУТКОВ Тој возврати: Вистината е сосема поинаква

Министерството за култура ги отфрли обвинувањата на СКРМ и тврди дека имало повеќе средби и иницијативи за дијалог околу Колективниот договор.

СКРМ УДРИ ПО ЉУТКОВ Тој возврати: Вистината е сосема поинаква
Фото: Принтскрин

Министерството за култура и туризам реагираше на обвинувањата од Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ), оценувајќи ги како неточни и тенденциозни тврдењата дека институцијата избегнувала дијалог со синдикатите во врска со Колективниот договор за култура.

Од Министерството посочуваат дека тврдењата дека повеќе од една година немало средба со синдикалните претставници не се точни. Според нив, пред една година била формирана работна група со претставници од двата репрезентативни синдикати – СКРМ и СОНК, која одржала два состанока посветени на проблемите поврзани со Колективниот договор.

„Министерството за култура и туризам секогаш било и ќе продолжи да биде социјален партнер кој ќе иницира дијалог, со цел заштита на правата на културните работници“, велат од институцијата.

Оттаму додаваат дека по одлуката на Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на Колективниот договор, Министерството веднаш иницирало средба со синдикатите. На состанокот одржан на 15 април, како што наведуваат, присуствувале министерот за култура Зоран Љутков, претставници на Министерството, синдикалните организации и нивниот адвокат.

Од Министерството тврдат дека разговорите продолжиле и во наредниот период, а по објавувањето на решението на Уставниот суд била закажана нова средба на која се разговарало за причините и насоките наведени во одлуката.

Следниот состанок меѓу Министерството и синдикатите е веќе договорен за 2 јули, каде што СКРМ треба да ги претстави своите предлози по консултација со членството.

Министерството категорично ги отфрла и наводите дека се обидува да го укине Колективниот договор или дека врши влијание врз постапката пред Уставниот суд.

„Министерството не е подносител на иницијативата, нема законска надлежност да укинува колективни договори и не се меша во работата на Уставниот суд“, се наведува во реакцијата.

Во однос на постапката што СКРМ ја започна пред Меѓународната организација на трудот, од Министерството велат дека се подготвени да одговорат на сите барања и дека остануваат отворени за соработка.

Од институцијата порачаа дека решението за иднината на Колективниот договор треба да се бара преку конструктивен социјален дијалог, а не преку јавни обвинувања и политички квалификации.

CATEGORIES
Share This