КУЛТУРАТА ВО ВОНРЕДНА БИТКА 800 тужби, Уставен суд и претставка до МОТ, што се случува зад сцената
СКРМ тврди дека се исцрпени сите домашни механизми за решение на спорот и бара меѓународна медијација за Колективниот договор за култура.

Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) информира дека поднел претставка до Меѓународната организација на трудот (МОТ), откако, според нив, биле исцрпени сите можности за мирно решавање на спорот поврзан со Колективниот договор за култура.
Од Синдикатот велат дека причината за ваквиот чекор е постапката пред Уставниот суд за можноста за укинување на Колективниот договор, при што сметаат дека синдикатите биле доведени во ситуација да реагираат откако одлуките веќе биле започнати без нивно учество.
Според СКРМ, повеќе од една година Министерството за култура и туризам не покажало подготвеност за вистински преговори и заедничко решение. Како последица на непочитувањето на одредбите од договорот, синдикатот поднел околу 800 тужби против институции.
Во соопштението се наведува дека иницијативата поднесена од „загрижен граѓанин“ била прифатена од Уставниот суд, кој треба да одлучи дали Колективниот договор за култура ќе биде укинат или поништен.
Од СКРМ посочуваат дека по разговорите со претставници на МОТ добиле препорака случајот да го достават пред Комитетот за слобода на здружување, а побарале и медијација од оваа меѓународна организација.
„Надлежните во МОТ неофицијално изразија загриженост за односот на државата кон вработените во културата“, велат од Синдикатот.
Тие оценуваат дека евентуалното укинување на Колективниот договор би било сериозен удар врз работничките права и колективното договарање.
Од СКРМ информираат дека по интервенција на премиерот Христијан Мицкоски, Министерството повторно седнало на преговарачка маса со СКРМ и СОНК. Сепак, според нив, досегашниот тек на разговорите не покажал дека се бара компромисно решение, туку дека се инсистира на однапред утврдени позиции.
Синдикатот нагласува дека останува посветен на дијалогот, но нема да прифати, како што велат, „ултиматуми од кој било вид“.
„Нашата борба останува борба за почитување на работничките права, достоинството на културните работници и владеење на правото“, наведуваат од СКРМ.


