СКОПЈЕ ЈА ПРЕДУПРЕДИ СОФИЈА Поради случајот со Ива Михајлова можни дипломатски мерки

Македонското МНР го повика бугарскиот вршител на работи и предупреди на можна реакција според Виенската конвенција, оценувајќи ги изјавите на бугарските претставници како провокативни и мешање во внатрешните работи на Македонија.

СКОПЈЕ ЈА ПРЕДУПРЕДИ СОФИЈА Поради случајот со Ива Михајлова можни дипломатски мерки
Фото: Национал

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Македонија денеска повикало претставник на бугарската амбасада во Скопје, поради изјавите на високи бугарски претставници поврзани со случајот со Ива Михајлова. На разговор бил повикан дипломатот кој, во отсуство на амбасадорот Желјазко Радуков, ја извршува функцијата вршител на работи.

Македонската страна изразила сериозно незадоволство од неодамнешната изјава на бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев, која ја оценила како навредлива и провокативна.

Покрај изјавата на Демерџиев, Министерството изразило незадоволство и од настапот на бугарскиот амбасадор Желјазко Радуков за бугарската телевизија БТВ. Според македонското МНР, квалификациите што Радуков ги изнел во однос на работата на надлежните институции претставуваат директно мешање во внатрешните работи на Македонија.

„Од наша страна беше особено нагласено дека ваквите провокации го оддалечуваат билатералниот дијалог од рамката во која треба да се развиваат добрососедските односи – врз основа на меѓусебно почитување, воздржаност и конструктивна комуникација“, се наведува во соопштението на Министерството.

На средбата македонската страна предупредила дека продолжувањето на ваквите постапки може да доведе до соодветна институционална реакција, во согласност со Виенската конвенција за дипломатски односи.

Конвенцијата ги утврдува правилата за дипломатско дејствување и обврската дипломатските претставници да не се мешаат во внатрешните работи на државата во која се акредитирани. Од Министерството не прецизираат какви конкретни дипломатски мерки би можеле да бидат преземени.

И покрај острите забелешки упатени до бугарската страна, македонското Министерство нагласува дека останува посветено на развивањето добрососедски односи со Бугарија.

„На крајот од средбата уште еднаш беше нагласена нашата посветеност на развојот на добрососедските односи, засновани на меѓусебно почитување, доверба и европски принципи, при што истата посветеност и одговорност ја очекуваме и од бугарската страна“, се наведува во соопштението.

Реакцијата на македонската дипломатија доаѓа во период на нови несогласувања меѓу Скопје и Софија, овојпат предизвикани од изјавите на бугарските претставници за случајот со Ива Михајлова.

РАДУКОВ ЈА БРАНИ ИВА МИХАИЛОВА Не ја оправдувам, но ја разбирам

CATEGORIES
Share This