ДАЛИ ОБЈЕКТОТ ПУЛС БИЛ БЕЗБЕДЕН Вештакот со тврдења што предизвикаа жестоки реакции

Вештакот на одбраната Петре Русески не гледа причина за свое изземање и останува на ставот дека во дискотеката биле изведени само градежно-занаетчиски работи. Обвинителството ги преиспитува неговите заклучоци, а семејствата на загинатите и претходно остро реагираа на неговото вештачење.

ДАЛИ ОБЈЕКТОТ ПУЛС БИЛ БЕЗБЕДЕН Вештакот со тврдења што предизвикаа жестоки реакции
Фото: Национал

Продолжението на судењето за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани донесе нови несогласувања меѓу Обвинителството и одбраната, откако во центарот на вкрстеното испитување повторно се најде градежниот вештак Петре Русески.

Русески, ангажиран од одбраната на првообвинетиот Дејан Јованов и уште двајца обвинети, изјави дека не постои основ за негово изземање од постапката, и покрај прашањата што Обвинителството ги отвори за неговите претходни професионални ангажмани и соработката со други вешти лица.

На почетокот на рочиштето, обвинителката Наташа Сарамандова побара Русески да се произнесе дали смета дека постојат околности што би наложиле негово изземање. Таа посочи дека Јавното обвинителство, пред ангажирање вешто лице, проверува дали против него се води постапка или дали претходно било осудувано, нагласувајќи дека ист таков пристап се очекува и од другите странки во судскиот процес.

Обвинителството се осврна и на претходни вештачења во кои Русески соработувал со други стручни лица, меѓу кои Василка Каевска, Николчо Коцев и Мирослав Грчев, вклучително и ангажман поврзан со „Инкс Дрим“ АД Струга. Русески ја потврди соработката, но категорично отфрли дека тоа претставува причина за негово изземање.

„Да, така е. Сите работиме под закон… Инаку 11 вештаци се обвинети за лажен исказ, врз основа на изјава на еден вештак. И тоа е обвинение што две години нема рочиште. Не сметам дека треба да бидам изземен“, изјави Русески.

Тој појасни дека Каевска, како вештак од областа на архитектурата, учествувала во работата за полесно да се одговори на поставените прашања, додека геодетот Инает Ертани имал претежно советодавна улога. Одбраната реагираше на начинот на испитување, обвинувајќи го Обвинителството за непотребен притисок и навредлив однос кон вештакот.

Во продолжението на рочиштето, обвинителот Дарко Јакимовски се задржа на делови од градежното вештачење во кои Русески наведува дека објектот ги задоволувал основните минимално-технички услови за вршење угостителска дејност како кабаре.

Обвинителот истовремено укажа дека во вештачењето е наведено оти за противпожарната функционалност, евакуацијата, електричните инсталации, вентилацијата, паничното осветлување и другите безбедносни услови е неопходна процена од овластени стручни лица или надлежни институции. Русески потврди дека неговото мислење е ограничено на градежно-архитектонскиот аспект.

„Што се однесува, дали конструкцијата имала влијание врз пожарот, реков треба да се испита дали материјалите го ширеле пожарот и како градбата реагирала“, изјави вештакот.

Тој остана на ставот дека, според неговата градежна процена, објектот и материјалите не придонеле за пожарот и дека објектот од тој аспект ја исполнил својата намена.

Едно од клучните прашања во вкрстеното испитување беше карактерот на изведените интервенции во внатрешноста на дискотеката. Русески тврдеше дека не станувало збор ниту за реконструкција ниту за адаптација, туку за градежно-занаетчиски работи поврзани со ентериерното уредување.

„Дефинитивно нема реконструкција од градежен аспект, нема промена во деловниот простор и дефинитивно се градежно-занаетчиски работи на внатрешно ентериерно уредување на просторот“, рече Русески.

Обвинителството му укажа дека Законот за градење не го познава терминот „градежно-занаетчиски работи“. Вештакот одговори дека ваквите работи не се посебно дефинирани во законот бидејќи, според неговото толкување, за нив не се потребни одобренија, овластувања или лиценци.

Тврдењата на Русески предизвикаа реакции и на претходното судско рочиште, кога семејствата на загинатите остро се спротивставија на неговите заклучоци за состојбата на објектот.

Александар Наунов, еден од родителите на загинатите, тогаш изјави дека изведените градежни интервенции не можат да се третираат како обични занаетчиски работи доколку на тој начин се избегнува одговорноста за градење без одобрение. Тој нагласи дека судскиот процес не се однесува само на градежните конструкции, туку пред сè на безбедноста, одговорноста и загубените човечки животи.

На претходното рочиште Русески тврдеше и дека за промената на дејноста на објектот биле подготвени и доставени потребните документи, вклучително и елаборати за противпожарна заштита и заштита при работа, како и сообраќаен елаборат.

Судењето за пожарот во „Пулс“ продолжува со изведување докази предложени од одбраната. Постапката ја води судијката Дијана Груевска-Илиевска, додека обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители. Трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани се случи на 16 март 2025 година, за време на концерт на групата ДНК. Животот го загубија 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

CATEGORIES
Share This