СКАНДАЛ СО ДИПМОМАТСКИ ДОКУМЕНТ Мицкоски тврди дека е загрозена безбедноста на неговото семејство
Премиерот тврди дека објавувањето на дипломатскиот документ е преседан и предупредува дека односите со Софија наместо да се подобруваат, дополнително се влошуваат.

Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека не очекува подобрување во односите меѓу Македонија и Бугарија, туку, според него, состојбата дополнително се влошува.
Како пример за тоа го посочи објавувањето на дипломатска нота поврзана со неколкудневниот престој на неговата сопруга и помалиот син во Пампорово, Бугарија.
„Сигналите што доаѓаат од таму не ме прават оптимист. Напротив, состојбата се радикализира. Вчера видовме еден преседан во дипломатијата и објавување дипломатска нота за тридневен престој на мојата сопруга и мојот помал син кај пријатели во Пампорово“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека станува збор за практика која, според него, не е вообичаена во дипломатските односи и додаде дека Македонија би можела да ги објавува сите дипломатски ноти што ги добива од источниот сосед, но тоа не го прави.
Премиерот информираше дека за случајот ги известил партнерите во НАТО, бидејќи, како што рече, со објавувањето на документот се загрозува безбедноста на неговото семејство.
„Сепак, ние сме земја членка на НАТО. Им се извинувам на сопругата и на мојот син Антонио што мора да го трпат ова“, рече Мицкоски.
Тој оцени дека од Софија пристигнуваат потези кои ги оцени како „аматерски, нејасни и неразумни“, додавајќи дека тие не придонесуваат за подобрување на односите меѓу двете држави.
Мицкоски нагласи дека Владата ќе остане фокусирана на домашните приоритети и реформите, економскиот раст и реализацијата на проектите ветени пред граѓаните.
Дипломатската нота за која говореше премиерот претставува известување од македонската амбасада во Софија до бугарското Министерство за надворешни работи, со кое било најавено патувањето на сопругата и еден од синовите на Мицкоски во Пампорово.
Документот, испратен на 6 јануари, се однесува на патување планирано за 8 јануари. Минатата недела беше објавен на социјалните мрежи, а во него, покрај датумот и времето на преминување на границата, биле наведени и детали поврзани со обезбедувањето на премиерското семејство.


