СКАНДАЛ НА РАФТОВИТЕ Сирење со само 1% масти наместо 20%, во млечни производи палмини масти наместо млечни
Резултатите ги изненадија и инспекторите и неправилности кај секој четврти тестиран производ.

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спроведе вонредни контроли на млеко, млечни и сувомесни производи, при што беа земени вкупно 91 мостра од домашно производство и од увоз. Целта на контролите беше да се утврди дали квалитетот на производите соодветствува на податоците наведени на декларациите.
Досега се завршени анализите на 45 мостри од млеко и млечни производи земени од поголемите трговски синџири во земјата, додека резултатите за сувомесните производи сè уште се очекуваат.
Лабораториските испитувања покажале дека кај 10 оператори анализираните производи не ги исполнуваат условите од Правилникот за квалитет на земјоделските производи. Најчесто е утврдено дека содржината на млечни масти е значително пониска од декларираната.
Најсериозниот случај е регистриран кај оператор кај кој мостра од ситно сирење, декларирана со 20 проценти млечна маст, содржела само еден процент. За овој прекршок е изречена парична казна од 3.500 евра во денарска противвредност.
Поради доведување во заблуда на потрошувачите, уште осум производители и увозници добија казни од по 1.050 евра, откако кај нивните производи биле утврдени разлики меѓу декларираната и реалната содржина на млечни масти.
Дополнително, кај еден оператор е утврдено користење растителни, односно палмини масти во производството на млечен производ. За прекршокот му е изречена казна од 1.300 евра, а спорниот производ во количина од 500 килограми е повлечен од продажба и уништен.
Од АХВ најавуваат дека засилените инспекциски контроли кај производителите и увозниците на храна ќе продолжат и во наредниот период, со цел заштита на потрошувачите и обезбедување поголема транспарентност на пазарот.
