30 ДЕНА ПРИТВОР ЗА ВОЗАЧОТ НА АУДИ Под дејство на дрога му го пресекол патот на 19-годишен мотоциклист кој загина

Обвинителството отвори истрага за тешки дела против безбедноста во сообраќајот, а судот оцени дека постои опасност од бегство, влијание врз сведоци и повторување на делото.

30 ДЕНА ПРИТВОР ЗА ВОЗАЧОТ НА АУДИ Под дејство на дрога му го пресекол патот на 19-годишен мотоциклист кој загина
Фото: Принтскрин

Основниот кривичен суд Скопје му одреди 30-дневен притвор на 31-годишниот возач на автомобил „Ауди А4“, кој е осомничен за предизвикување на тешката сообраќајна несреќа на булеварот „Никола Карев“, во која животот го загуби 19-годишен мотоциклист.

Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражна постапка против осомничениот за кривичното дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, согласно член 300 став 2 во врска со член 297 од Кривичниот законик.

Според Обвинителството, несреќата се случила во вечерните часови на крстосницата меѓу булеварот „Никола Карев“ и улицата „Прохор Пчињски“. Осомничениот, управувајќи го возилото под дејство на наркотична дрога, не ја почитувал сообраќајната сигнализација и преку удвоена полна линија навлегол во лентите за сообраќај од спротивен правец, при што свртел лево на крстосницата.

Во тој момент со предниот дел од автомобилот удрил во мотоцикл „БМВ“, а во задниот дел на возилото удрил и мотоцикл „Хонда ХДВ“, кои се движеле од спротивна насока. Од силината на судирот, 19-годишниот мотоциклист кој управувал со „БМВ“ се здобил со тешки телесни повреди од кои подоцна починал.

Од Обвинителството наведуваат дека осомничениот со своето постапување свесно го загрозил јавниот сообраќај и ги довел во опасност животите на останатите учесници во сообраќајот.

Поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и ризик од повторување на делото, јавниот обвинител побарал определување мерка притвор, што судот ја прифатил.

Во тек е целосна истражна постапка во која ќе се вршат дополнителни вештачења и анализи за утврдување на сите околности поврзани со трагичната несреќа.

CATEGORIES
Share This