СКАНДАЛ НА РАЦИНОВИТЕ СРЕДБИ Наградениот Пановски одби да ја прими наградата
Добитникот на Рациновото признание за книгата „Коста Солев - смртопис“ ја одби наградата и паричниот дел го донираше во хуманитарни цели

Театарскиот режисер и театролог Наум Пановски, добитник на Рациновото признание за 2026 година за книгата „Коста Солев – смртопис“, одлучи да не ја прими наградата што требаше да му биде врачена на Рациновите средби во Велес на 15 јуни.
Пановски не присуствуваше на свеченоста, а во видеообраќање и соопштение објавено до медиумите и на неговиот Фејсбук профил посочи дека ја одбил наградата поради, како што вели, несогласување со општествените состојби во земјата. Тој тврди дека пред церемонијата испратил видео порака до организаторите, но таа не била емитувана.
„На 76 години, примањето на оваа награда за мене би значело затворање очи пред грдата македонска реалност, би било предавство на моите идеали и уште едно предавство на Коста Солев“, порача Пановски.
Тој нагласи дека неприкажувањето на неговото обраќање го смета за цензура и нарушување на правото на слободен говор. Воедно, паричниот дел од наградата го донира на хуманитарната организација „Пркос“.
Од Општина Велес, која е организатор на манифестацијата, реагираа дека неговото обраќање не било соодветно за настан посветен на Рацин.
„Ако не ја прифаќа наградата, зошто се пријавил и конкурирал за Рациновото признание?“, наведоа од Општината во краткото соопштение.
Од локалната самоуправа претходно информираа дека Пановски не бил присутен бидејќи бил надвор од државата, а наградата требало да му биде врачена дополнително.
За годинешното Рациново признание пристигнале 25 пријавени дела, од кои 24 биле разгледувани од жирито. По мнозинство гласови, комисијата составена од професорките Елизабета Шелева, Лорета Георгиевска Јаковлева и Марија Ѓорѓиева Димова одлучила наградата да му припадне на Пановски за делото посветено на Коста Солев Рацин.
Во својата порака, Пановски им се заблагодари на членовите на жирито, на сите кои помогнале во создавањето на книгата, како и на Општина Велес за одржувањето на споменот за Рацин.
Тој во обраќањето остро ги критикуваше политичките и културните состојби во земјата, оценувајќи дека општеството се оддалечило од идеалите за кои се борел Рацин.
„Рацин и денес се чита како да е пишуван сега или тој е вечен, или општеството не се менува многу“, беше една од пораките на отворањето на Рациновите средби, каде академик Катица Ќулавкова говореше за значењето и актуелноста на творештвото на поетот.
100 ГОДИНИ ПОДОЦНА, ИСТИТЕ ПРАШАЊА Зошто Рацин сè уште нè погодува?


